Детската кардиохирургија функционира со јавно-приватно партнерство

Сподели

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, директорот на „Клиничка болница Жан Митрев“, д-р Жан Митрев, директорите на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и Орхан Рамадани, и д-р Владимир Чадиковски, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа резултатите од успешното функционирање на новиот модел на соработка во областа на детската кардиохирургија.

“Резултатите покажуваат дека соработката за детска кардиохирургија е одлична при спојот на експертизите од јавното и приватното здравство. Моделот се покажува како успешен и е воден од доктор Жан Митрев, кој воедно започна со детска кардиохирургија во земјава. Од почетокот на годинава успешно се извршени 10 кардиохируршки интервенции. Сите деца кај кои се изведени интервенции се во добра здравствена состојба.

Соработката во областа на детската кардиохирургија ги намали бариерите што постоеја меѓу државните и приватните болници. Пациентот има одлични услови и врвна медицинска грижа од доктори од јавниот и приватниот сектор кои работат заедно. Операциите што се изведуваат се на товар на Фондот за здравствено осигурување, што значи дека за пациентите интервенцијата е покриена од ФЗО, и за ист трошок како во јавното здравство имаме апсолутно подобри услови за пациентите, како и подобри услови за работа на нашите лекари – изјави министерот Венко Филипче.

-“Ова е модел каде имаме дополнителна финансиска стимулација за докторите и медицинските сестри, каде нема поголеми трошоци за Фондот за здравство, а услугата е неспоредливо подобра. Нашите очекувања се дека за кус временски период овој центар ќе стане регионален центар. Условите кои ги нудат се акредитирани според највисоките американски стандарди и се без конкуренција во регионот, а ценовно подостапни за пациенти од странство.

Овој проект покажа дека соработката на јавниот и приватниот сектор може да ги подобри условите за лекување на пациентите и е еден од начините да го задржиме нашите доктори во земјава.

Критикувани бевме дека ќе затвораме болници, но уште еднаш потенцирам дека не станува збор за затворање на болници, туку за модел на нивно унапредување, каде за истите пари од фондот ќе добиеме подобри услови за работа и подобри услови за пациентите.” – додаде Филипче на денешната прес-конференција.