Денес претседателот на Собранието Талат Џафери, одржа редовна координација на која, согласно воспоставената пракса во неговите мандати, се покануваат координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието.
Една од точките на Дневниот ред беше и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието.
Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија, која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.
Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста.