Џафери со честитка по повод 100 годишнината од основањето на Филозофскиот факултет-Скопје

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка по повод 100-годишнината од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје.

 

 

“Филозофскиот факултет, во далечната 1920 година, со кралски указ, ја започна својата наставно-научна дејност и со тоа го заслужи пиететот – најстара високо-образовна институција во државата. Денес, покрај тој  факт, има уште еден непобитен факт, а тоа е дека, Филозофскиот факултет, оттогаш навака, само растеше и се развиваше, се надградуваше и ширеше, за денес да биде современ, мултидисциплинарен факултет, сочинет од 12 институти од хуманистичките и општествените науки. И што е најважно од сè, Филозофскиот факултет, во ниту еден миг не застрани од тоа што е во основата, во етимологијата на зборот филозофија – односно – љубов кон мудроста или изучување на знаењето, размислување за размислувањето и колку и да се чини тоа некому апстрактно и како поставување на прашања кои се нејасни и на кои нема одговори, сепак, опстојувањето е доказ дека филозофијата се занимава на јасен и прецизен начин токму со реалниот свет, со неговата комплексна социјална и материјална природа и местото на човекот во него. 

Свесни сме дека како држава, поминуваме низ навистина тешки, одлучувачки фази од опстојувањето и заземањето на цврста позиција на светската карта. Постигнувањето на едната стратешка определба, секако е голема и многу важна работа, меѓутоа, се уште не е се завршено. Пред нас претстои нов предизвик, ново искушение кое ќе треба мајсторски и со трпение да се надмине и менаџира. За тоа е потребна сета државничка стратегија, интелектуална моќ, сиот капацитет што го поседува и вашиот факултет и сите универзитети во земјава, и Македонската академија на науките и уметностите и потенцијалот на целиот политички спектар во Република Северна Македонија. Потребно е унисоно делување и изодување на овој наш заеднички пат.

Она што е исто така константа за целото време на постоењето на Филозофскиот факултет, а што е од суштинска важност за демократскиот раст и развој на едно општество, е тоа што никогаш не ги затворивте вратите и дадовте доволно простор и време за изразување на критичката мисла, кога мислиме или чувствуваме дека нашите права, слободи, обврски, не се во согласност со меѓународно признатите и кај нас ратификувани декларации, со нашиот Устав или законите на Република Северна Македонија. И се разбира, каде ако не на Филозофски факултет? Кој ако не носителите и изучувачите на академската и научната мисла, односно професорите и студентите? И, навистина морам да ви честитам за тоа што вашиот факултет, постојано се движи по нагорна линија. Затоа што, како што рекол и големиот Сократ, цитирам:

Има само едно добро, тоа е знаењето, и едно зло, тоа е незнаењето“, крај на цитат, и јас верувам дека вие ќе продолжите да бидете предводниците на новите, современи сфаќања и сознанија за животот, за општеството, за да придонесете со нив во развојот и напредокот на нашето мултиетничко општество и држава која е по многу нешта уникатна и различна од другите, – изјави Талат Џафери во своето обраќање.

 

denesmagazin.mk