Џо Бајден напладне ја презема должноста претседател на САД

Сподели

 

По едни од најконтроверзните претседателски избори и транзициски периоди во историјата на САД, Демократот Џо Бајден денеска напладне треба да даде заклетва и да ја преземе должноста претседател, на скалите на Капитол, под силно обезбедување во Вашингтон.

По два неуспешни обида за освојување на Белата куќа, предизборната кампања засенета од пандемијата на коронавирусот и победата оспорена од неоснованите обвинувања од неговиот републикански противник, Џо Бајден денеска ќе го оствари својот сон и ќе стане 46. американски претседател.

Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе положат заклетва во 12:00 часот, потоа претседателот ќе го одржи својот инаугуративен говор.

Бајден, најстариот претседател во историјата на САД,  повикува на единство по насилството во Капитол и се соочува со разорните ефекти од пандемијата. Тој е избран за претседател во третиот обид, откако не успеа во демократските прелиминарни избори во 1988 и 2008 година.

Неговата политичка кариера е долга, полна со контроверзни епизоди, но и успеси со кои со задоволство се фали.

Џозеф Робинет Бајден џуниор е роден на 20 ноември 1942 година во Скрантон, Пенсилванија. Овој рударски и индустриски град помина низ тежок период во 1950-тите. Неговиот татко барал работа во соседниот Делавер, а потоа целото семејство го преселил во Вилмингтон. Тогаш Џо Бајден имал десет години. Тој го претвори тој град во своја база.