Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности. Дигиталната трансформација на образованието стана историска пресвртница во начинот на функционирање на сите генерации.
Уште кога во ноември 2017, Мајкрософт ја објави изјавата на една менџерка за образование, како да го најави доаѓањето на овој историски момент. Таа гласеше: „Технологијата никогаш нема да ги замени наставниците, но наставниците кои нема да можат да подучуваат со примена на технологијата – ќе бидат заменети со такви што ќе можат“.
Оваа претпоставка тогаш, донесе низа прашања и дилеми околу најавената иднина на училиштето и посебно, иднината на наставниците. Не помина многу време и тоа навистина стана реалност на образовните системи.
Глобални состојби
До појавата на КОВИД 19, светот го имаше трасирано патот кон своите развојни цели на сите нивоа. Очекуваните варијабли во нивната реализација, одеднаш добија поинаква насока и сосема друга димензија. Во еден миг, земјите се доведоа во состојба на криза и во процеси на ресоздавање нови одржливи цели. Системите ја започнаа својата трансформација, адаптирајќи се на условите и на неизвесноста што ја донесе пандемијата.
Во август, УНИЦЕФ објави дека 463 милиони деца останаа надвор од училиштата. Нееднаквоста во пристапот и квалитетот на учење стана најтежок проблем на земјите. Глобалната криза ја надмина сферата на јавното здравје и се рефлектираше на образовниот свет. Кризата стана тест за еластичноста и еднаквоста на системите.
Образовните системи за кратко време требаше да се адаптираат на „училиштето на иднината“. Помалку развиените земји, логично одеа (и сѐ уште одат) по потешкиот пат, во недостиг на ресурси и услови, а во обид да ги следат трендовите и пристапите на високоразвиените земји. Она што стана заеднички принцип, и за едните и за другите, независно од статусот, е ургентната потреба од изнаоѓање поквалитетни системи за образование и за живот.
Јавната свест за важноста на училиштето и наставниците ја достигна својата кулминација. Ризикот за прекин на врските меѓу учениците и училиштата стана огромен, затоа што не школските, туку многу други не-школски фактори го креираа тој процес. Огромни проблеми од социјална и економска природа станаа доминантни фактори за постигнување резултати во учењето. Пандемијата целосно ја разобличи кршливоста на системите и посебно, бавно темпо на развој на академските институции, со векови базирани на класични предавања и институционални рамки.
Образованието, во услови што ги диктира пандемијата, моделира нов концепт, различен од претходно утврдените пристапи. Во креирањето нови образовни политики се вклучија најголемите интернационални организации, меѓународни тела и влијателни лидери.
Европската комисија во Акцискиот план за дигитално образование 2021 – 2027, одреди временска рамка и активности што треба да создадат инклузивно и пристапно дигитално образование. Според планот, наставниците влегуваат во уште поактивен процес на доживотно учење и професионален развој и на компетенции што опфаќаат научна, медиумска и дигитална писменост. Од нив ќе се очекува поголема креативност и иновативност во наставата.
Светскиот економски форум пак, ги утврди трендовите и примерите кои ја покажуваат насоката за креирање поквалитетни училишта. Единствен пат до квалитетно образование во услови на пандемија е организирање пошироки здружени пристапи од сите засегнати страни: влади, издавачки куќи, медиуми, образовни професионалци, мрежни оператори и економски субјекти за поддршка. Трансформацијата на образованието во следниот период ќе ги вклучува не само педагошките центри туку и непрофитните организации што ќе го помагаат овој процес. Фокусот ќе биде ставен на целосна поддршка на наставниците.
Инвестирање во наставниците и поширока граѓанска писменост
Пандемијата отвори многу прашања за начинот на функционирање на образовниот процес, но најмногу проблеми беа поврзани со подготвеноста на наставниците за соочување со дигиталната настава. Затекнати во брзата и на моменти, драматична промена, од нив се очекуваше целосна подготвеност, со информатички, комуникациски и технолошки компетенции, но и со педагошки вештини потребни за новиот менаџмент во училницата. Одеднаш, системите го ставија фокусот на потребата од професионален развој на наставниците, разбирајќи дека ним им треба дигитално знаење, флексибилност, поголема слобода во реализацијата на содржините и поголеми можности за креативност во рамките на наставните програми.
Извор: sdk.mk
Интеграцијата на учењето на далечина покажа дека на наставниците, но и на родителите и повозрасните генерации што се грижат за децата, им треба поширока писменост, што ги надминува границите на училиштето.
Пристапот кон новиот тип училница покажа дека таа не може целосно да ја преслика физичката настава, па оттука и односот кон децата и комуникацијата со нив, не може да биде идентична. Очекуваните резултати од процесот на учење станаа релативни и менливи.
Замената на училницата со виртуелна заедница на екранот на електронските уреди, наметна потреба од нови комуникациски вештини. Невербалната комуникација, најважна во емоционалниот контакт со децата, се замени со вербална, гласовна интеракција (со важност на интонацијата и варијациите во говорот) и со мултимедијална визуелизација, преку видеа и фотографии. Улогата на наставникот стана уште посуштинска, затоа што во дигиталниот простор, тој самиот е училницата, соочен со сопствениот капацитет за интеграција на вештини и алатки за анимација, способности за медијација, храброст за учење непознати работи и личен ентузијазам.
Со тоа, работата на наставниците станува исклучително сложена и тешка. Посебно, ако се земе предвид фактот дека најголем дел од нив, никогаш и не биле подготвувани за ваков тип настава.
Малку поразличен е односот на учениците и нивните искуства. Тие се дигитални „домородци и номади“, истовремено. Тој простор е нивна природна средина, лесно се снаоѓаат во пронаоѓање податоци и потребни информации, немаат страв од погрешни кликови и грешки и се многу послободни во истражувањето на тој простор.
Но, и тие имаат свои предизвици. Иако се активни членови на дигиталната заедница, сепак нивниот препознатлив училиштен простор се замени со затворениот амбиент на домот. Тие ја изгубија непосредноста што ја носи комуникацијата со наставниците и врсниците. Психолошките ефекти на оваа трансформација на училницата се огромни. Во образованието „од дома“, емоционалниот амбиент во семејството стана најважен предуслов за нивното ментално здравје.
Во вакви услови, семејството и наставниците треба да бидат свесни дека со образовниот процес во вакви услови, обезбедуваат и здрав развој и психолошка поддршка на секое дете.
Промени во функционирањето na македонските училиштата
Институциите за развој на образованието се ставени пред предизвикот да бараат иновативни решенија и креативни идеи, за релативно краток рок. Во своите активности тие треба да бидат во постојана потрага по отворени технолошки ресурси и пристапи до дигитални алатки и содржини што ќе ја развиваат и емоционалната и научната и дигиталната, медиумска писменост.
За да се одговори на новите развојни цели и во контекст на актуелните состојби во македонското образование, беа донесени соодветни измени на Законот за основно и средно образование. Тие се базирани на релевантни истражувања и студии од меѓународните организации, како УНИЦЕФ, Светската здравствена организација, Меѓународната фондација на Црвениот крст и др. Изменетите членови, всушност овозможуваат законски уредена адаптација на образованието на новите услови, по неколку прашања: од утврдување постапки за одржување безбедни училишта (хигиена, движење на учениците, надзор и сл.), скратување на бројот на наставните денови во вонредна состојба, времетраење на часовите и реализација на воннаставни активности за учениците, поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој.
Во основата на овие измени се очекуваните процеси на трансформација на класичната педагогија, односно промени во функционирањето на училиштата кои ќе се одвиваат со флексибилен и инклузивен распоред на часовите и наставни практики што ќе обезбедат постигнувања, соодветни на можностите на учениците.
Овие измени треба да отворат пат за понатамошни процеси на креирање нов образовен систем, базиран на искуствата од минатото, но и на моделите што ги донесе сегашноста. Потребните промени најмногу се чувствуваат во делот на организацијата на училиштата, наставата, наставните програми и најмногу училницата, како физички простор. Овие состојби, најдиректно ни ја покажаа важноста и неопходноста од училиштето како социјален простор, како најнепосреден процес на созревање на децата.
Современото училиште треба да се креира токму со балансот меѓу традиционалниот, физички пристап и можностите на дигиталната технологија. Тоа подразбира реструктуирање на паралелките (број на ученици во групи), пошироки, интердисциплинарни наставни програми и содржини што ќе се базираат на реални ситуации што ќе развиваат практични вештини за живот во заедницата.
Последното истражување за состојбите во основното образование, објавено во 2018 година, потврдува дека во македонските училишта има приближно еднаков процент наставници од трите средни, возрасни категории и тоа: 25,12% се наставници од 26 до 34 години, 28,14,% – наставници од 35 до 44 години и 25,94% се наставници од 45 до 54 години. Помал е процентот на наставници кои се на возраст од 55 до 64 год. (18,55%), а занемарлив е бројот на млади наставници до 25 год., само 1,91%.
Наставниците се клучни
Овие податоци покажуваат дека најголем дел од наставниците се на возраст којашто е оптимална за учење нови вештини и професионално усовршување. Но, проблемот е, колку тие имале услови и и програми за личен и професионален развој низ годините наназад.
Она што, сепак е загрижувачки тренд е намалувањето на интересот за студирање на наставничките факултети. Бројките на запишани студенти за одделенска настава и на наставните насоки на факултетите, во последниве години алармираат за итна потреба од изнаоѓање мерки и план за афирмација на овие студии. Неопходна е неодложна акција, системска мотивација и обезбедување посебни услови за актуелизирање на професијата наставник. Позитивните примери наставници, треба да станат модел за промоција на вредноста и важноста на овој важен и базичен сегмент на општеството. Нивна поголема афирмација, стипендирање, можности за кариерен напредок и статус – се клучни фактори за решавање на овој проблем.
Неизвесно е колку ќе трае пандемијата и колку долго системите ќе можат да го издржат притисокот од проблемите при справувањето со последиците. Најважно во оваа пресвртница е дека научивме да дејствуваме и индивидуално и колективно и сами да ги создаваме промените.
Колку побрзо ја прифатиме реалноста што ја создаде пандемијата, толку полесно ќе креираме одржливи системи и безбеден развој на децата. Секој чекор и секоја одлука, првенствено треба да тргнува од нив и нивната добросостојба. Само на тој начин, ќе создаваме образование и систем за добро физичко, ментално и емоционално здравје на сите генерации.