ДИМИТРОВ: Европската перспектива и одговорноста е на Македонија, но одговорна е и Европа

Сподели

-Целиот Балкан многу очекува од Германија. Таа е еден од главните мотори и на Европа, и на Берлинскиот процес кој многу се занимава со нас и последниот самит во Трст беше многу плоден, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров попладнево на прес-конференција во врска со очекувањата од конференцијата во Берлин на почетокот на септември пред изборите во Германија.

– Ќе побарам одлучноста што се роди во Македонија излегувајќи од кризата да успееме да ја искористиме оваа втора шанса и да направивме нешто од нашата држава, да направиме европска демократија со која ќе владее правото. Тоа е шанса и за Европа и за Германија да покажат дека можат не само да помогнат да се стопира кризата да оди подлабоко, туку да помогнат кога има добри работи и добар развој  да се донесе работата до конечен успех, рече Димитров во одговор на новинарски прашања.

Важно е, рече тој, да се обезбеди Македонија да почне пристапни преговори за влез во ЕУ. Смета дека за европската перспектива одговорноста е на Македонија, но соодговорна е и Европа.

– Ќе оставиме на тоа каква форма ќе има таа поддршка кога ќе стигнеме во тој момент и согласно интересите на земјата каде што одиме. Во секој случај, нашата реформска лекција мислам дека ја научивме. Лекцијата за Европа треба да биде – рискантно е и штетно е една земја да се остава во чекалната зад заклучени врати и во однос на Европската унија, и во однос на НАТО премногу време. Примарната одговорност за тие заклучени врати ја имаме ние и соседите со кои имаме прашања, во конкретниот случај особено Грција, меѓутоа и европската политика има минус и на некој начин соодговорност за таквата ситуација. Затоа, убеден сум дека и за Европа, а и за  Грција е ова шанса да помогнат за да имаат една европска демократија како сосед, нагласи Димитров.