Доставен предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Сподели

 

Денеска во владина процедура Министерството за труд и социјална политика ќе го достави Предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација.

Станува збор за закон кој на општеството му е неопходен и кој еднаш ги помина сите филтри – и во владина и во собраниска процедура и кој е целосно усогласен и работен во соработка со невладиниот сектор.

За жал, поради одредени претходни пропусти, Уставниот суд на 14 мај оваа година го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Ова е Предлог-закон кој го пуштаме во владина процедура веднаш по преземањето на функцијата, затоа што не смееме да дозволиме граѓаните на оваа држава да бидат без заштита од дискриминација по кој било основ, изјави министерката за труд и социјала, Шахпаска.

Предлог-законот за спречување и заштита од  дискриминацијата го предлагаме во речиси идентична форма, како онаа што беше изгласана во Собранието на Република Северна Македонија и која беше целосно усогласена со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Сакам да нагласам дека за ова законско решение беше добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од сите граѓански организации кои работат во областа на човековите права.

Единствена измена е во постапката и начинот на избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која што предлагаме да се бира на транспарентен и отчетен начин, по примерот на изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.

Измените предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум члена – по два пратеника од власт и од опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.  

И овие последни измени се направени во консултација со невладиниот сектор.

 Предлог-законот обезбедува принцип на еднаквост во заштитата од  дискриминација и во остварување на човековите права и слободи.

Преку овој Предлог-закон  се доближуваме до меѓународните стандарди усвоени од ООН и Европската Унија, а нашите граѓани добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува еднакви услови за развој за сите.

Како Влада сме посветени на зајакнување на владеењето на правото и унапредување на квалитетот на животот за сите, а тоа е невозможно без законските решенија што ги нуди овој Предлог-закон, во делот на човековите права и заштитата од сите видови на дискриминација.