ДЗС: Изјавите на Мицкоски за фабрикувани извештаи се неточни и лажни

Сподели

 

Директорот на Државниот завод за статистика во целост ги отфрла и демантира изјавите и шпекулациите на Христијан Мицкоски дека Државниот завод за статистика фабрикува извештаи по нарачка на Владата, како неточни и лажни, кои беа изнесени на прес-конференцијата одржана на 25.10.2019 година.

“Државниот завод за статистика е професионална и независна институција, чија што работа е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до г. Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на Пописот на население, домаќинства и станови, Државниот завод за статистика информира дека, согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно. Во таа насока, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада.

Воедно, Државниот завод за статистика изјавува дека е подготвен за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со Пописот со сите релевантни чинители во државава – се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.