Едштадлер: Австрија нема разбирање за блокадата од Бугарија

Сподели

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, работната посета на Република Австрија утрово ја започна со средба со федералната министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.

На средбата беше потврдена поддршката од австриската страна, но и личната заложба на министерката Едштадлер за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата и беа разменети мислења во однос на натамошните чекори за реализирање на европската перспектива на земјата и техничката помош од Австрија во таа насока.

Министерката за Европа, Каролине Едштадлер, по средбата со Никола Димитров, изјави дека Австрија предложила Виеан да биде неутрално место каде што ќе бидат продолжени македонско-бугарските разговори но тоа не било прифатено.

Едшадлер посочи дека Северна Македонија дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

„Немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме, во Виена, како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој вакуум ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија“, рече Едшадлер на заедничката прес-конференција во Виена со Димитров.

Вицепремиерот пак истакна дека С.Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција.

„Не може државите да признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување  и е многу внатрешно прашање. И во таа смисла не е на линија на Лисабонскиот договор и на Повелбата на ЕУ за основни права ако било која земја членка на една европска нација можеби мала, но важна, во 21 век да прашува, предизвикува дали нашиот јазик е наш јазик, или не е наш јазик. Македонскиот јазик беше официјален јазик и во поранешна Југославија, тој е признаен и во ОН и тоа е прашање за нас. Пријателството мора да подразбира почитување на достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и до таму“, рече Димитров.

„Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер“ рече Димитров.