ЕИБ со инвестиции во општествениот и економски развој на РС Македонија

Сподели

 

Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на РС Македонија со поддршка на проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата со КОВИД-19, со посебен фокус на малите и средни претпријатија, како и за проекти од Зелената агенда за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализацијата како дел од програмата што произлегува од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

 

 

Ова е заедничкиот заклучок од средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателот на ЕИБ Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.

 

 

ЕИБ е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со Владата на Северна Македонија и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел. До денеска, ЕИБ инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во Република Северна Македонија, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.

„Владата на Северна Македонија неодамна го одобри Зеленото сценарио за структурен развој на секторите за транспорт, енергија, животна средина и климатски промени. Имаме амбициозна агенда која ќе биде поддржана со значителни инвестиции, како придонес за иднината не само на Северна Македонија, туку и на Европа како целина. Ние веруваме дека Европската инвестициска банка може да биде наш клучен партнер во овој потфат и очекувам блиска и успешна соработка во следните години“, истакна премиерот Заев на средбата со првите луѓе на ЕИБ.

 

 

Претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер од своја страна рече дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија што побрзо да се опорави од пандемијата КОВИД-19 и да напредува на својот пат за пристапување во ЕУ.

„Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Премиерот Заев и јас споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион на Северна Македонија и Западен Балкан и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската Комисија. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ја поздравува силната посветеност на премиерот Заев за поддршка на распространувањето на Зелената агенда и јас сум задоволен што гледам напредување на зелените инвестиции за Северна Македонија“, потенцираше претседателот на ЕИБ Хојер.