ЕЛЕМ го поништи тендерот за РЕК Битола

Сподели

АД „Електрани Македонија“ соопшти дека го поништиле тендерот за набавка на гумени ленти за РЕК Битола, на кој учествуваше и компанијата „Фероинвест“, каде еден од сопствениците е и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Оттаму изјавија дека тендерот целосно го поништиле бидејќи на последната, трета аукција, понудените цени во четири ЛОТА се повисоки од планираниот буџет за нив, а во еден ЛОТ понудената цена е повисока од реалната на пазарот.

„Ако на оваа одлука нема жалби од учесниците на тендерот и ако одлуката за поништување стапи на сила, веднаш ќе распишеме нов тендер, бидејќи гумените ленти потребни за транспорт на материјалот, се неопходни за да може РЕК Битола непречено да работи“, велат од ЕЛЕМ.

Овој тендер предизвика големо внимание во јавноста бидејќи компанијата „Фероинвест“, која е еден од понудувачите на тендерот, е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој рече дека не гледа ништо спорно фирмата да учествува на тендери, бидејќи се запазени сите законски процедури, а потоа во гостување во емисијата „Топ-тема“ на телевизија „Телма“, рече дека „Фероинвест“ и другите компании кои се во негова сопственост, нема веќе да учествуваат на државни тендери.