Елисавета Марковиќ: 365 дена, 16 дена активизам

Сподели

 

Во периодот од 25.ноември до 10.декември на меѓународно ниво се одвива кампањата „16 Дена Активизам – Обои го светот портокалово“, посветена на борбата против насилството врз жените и девојчињата и семејното насилство. Наведениот период нѐ случајно е избран. Имено, 25.ноември е Меѓународен ден за елеминицаија на насилството врз жените, а 10.декември е Светски ден на човековите права, двата признаени од ОН.

М-р Елисавета Марковиќ

Насилството врз жените, девојчињата и родово базираното насилство е структурно глобална појава, која не препознава општествени, социјолошко-економски, интелектуални, образовни или национални граници или пак временски и периодични ограничувања. Овој вид на насилство се препознава како елементарно кршење на човековите права, кое за жал со текот на годините сеуште не ја доживеало својата еволуција или пак елиминација, паралелно со развивањето и формирањето на современата цивилизација. Голем број показатели и истражувања укажуваат за секојдневната изложеност на жените и девојчињата ширум светот, на физчко малтретирање и ментално вознемирување, родова експлоатација, сексуална злоупотреба и насилство без разлика на општествената развиеност, религиска или класна припадност. Застрашувачки е фактот што ваков тип на насилство се случува и во рамките на семејните заедници и домовите, што се препознава како семејно насилство. Жртвите најчесто се жени, но не ги исклучува и мажите, децата и возрасните лица. Семејното насилство е кривично дело кое се случува во рамките на најтесното семејство, во домот, кој по сите стандарди е засолниште и заштитена територија на една заедница. Многу од жртвите на семејното и родовото насилство поради страв, срам, етикетирање од околината, немање доверба во одговорните институции, ги премолчуваат насилните дела, што уште повеќе го отежнува решавањето на проблемот и санкционирањето на сторителите.

 

 

 

 

Овогодинешните активности за време на 16-дневната кампања „Обои го светот портокалово“, која кампања првично е иницирана во 1991 година од страна на активисти на Институтот за Глобално лидерство на жените со поддршка на Секретарјатот на ОН, покрај подигнување на јавната свест од постоењето на овој глобален проблем, дополнително, обрнува внимание за зголемениот ризик и изложеноста на жените на семејното насилство за време на актуелната здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19.

Според меѓународните извештаи, поради мерките за заштита од пандемијата со кои се ограничува движењето, воведувањето на полициски час и затварањето во домовите, алармантно е зголемувањето на насилството врз жените во ваквите услови. Стравот од евентуалното заразување со вирусот во голем број случи, дополнително ги одвраќа жртвите да ги напуштат домовите и побараат помош во центрите за превенција и заштита од семејно насилство.

Стратегијата на кампањата „16 Дена Активизам – Обои го светот портокалово“ се заснова на мобилизирање граѓански организации, поединци, институции, политички и државни субјекти ширум светот во повик за превенција и елиминирање на насилството против жените. Целта е да се поттикне размислувањето на индивидуалниот и колективен придонес во општеството во борбата против насилството врз жените и семејното насилство.

Но, вистината е дека вака глобално комплексен проблем, неможе да се реши или сакнционира само со годишна кампања во траење од 16 дена. Во борбата против насилството врз жените и семејното насилство, неопходна е синхронизирана акција на сите општествено надлежни организации и институции континуирано, во текот на целата година, 365 дена.

Во нашата земја како најповикани институции инволвирани во борбата против семејното насилство се Министерството за труд и социјална грижа, Центрите за социјална работа, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Судовите, Институтот за судска медицина и Граѓански организации. Дополнителен механизам за поефикасно препознавање и справување со насилството врз жените и родово базираното насилство е ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жените од страна на Собранието на РСМ на 22.декември, 2017 година, документ популарно познат како Истанбулска конвенција.

Истанбулската конвенција е општоприфатена како најдалекусежен правен инструмент во спречувањето и борбата против насилството врз жените и семејното насилство, како една од формите на кршење на човековите права и слободи. Со ратификацијата на конвенцијата од страна на владите, се прифаќаат низа обврски и превземање конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: демнење, психичко и физичко вознемирување и сексуално малтретирање, принуден брак и во екстремни случаи женска генитална мутилација. Во Преамбулата на Конвенцијата на Советот на Европа се истакнува дека остварувањето на еднаквоста меѓу мажите и жените и de jure и de facto е еден од клучните елементи во спречувањето на насилството врз жените кое произлегува од историски манифестираната дискриминација помеѓу родовите односно половите.

Со цел спроведување на одредбите на Истанбулската конвенција, државите кои ја ратификувале се обврзани да превземат серија мерки за решавање и спречување на сите форми на насилство врз жените и семејното насилство и нивно класифицирање во кривични дела, за кои се предвидени законски санкции. Документот повлекува прилагодување и модифицирање на законските одредби, воведување на практични мерки и обезбедување финансиски средства, со што борбата и спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство веќе не е прашање на добра волја, туку законски утврдена обврска.

Како клучни правно обврзувачки механизми во РСМ се Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој е во собраниска процедура, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Кривичниот законик, со што насилството врз жените и семејното насилство повеќе неможе да се смета за приватна работа, туку дека државата има обврзувачки законска одговорност во спречување на насилството, заштита на жртвите и кривично гонење на сторителите на насилните дејства.

ОД ХАРТИЈА ВО АКЦИЈА

Нашата држава ратификувала многу меѓународни конвенции и документи, но пракста покажува дека недостасува доследно спроведување на законските одредби на терен. Во случајот со темата на оваа колумна, анализите покажуваат дека има мало подобрување во справувањето и борбата против насилството врз жените и семејното насилство, но секако проблемот сеуште е стигматизиран и маргинализиран од страна на соодветните служби во нашето општество.

Решавањето на прашањата поврзани со насилството врз жените и родово базираното насилство нѐ засега сите нас како поединци, припадници на оваа средина. За ефикасна борба против насилството врз жените и семејното насилство потребно е систематско, секојдневно дејствување од сите нас како поединци и како припадници на оваа средина. Тоа подразбира препознавање на потенцијалниот ризик, пријавување и извлекување на засегнатите страни од насилната средина, заштита и давање поддршка на жртвите. Игнорирањето и ставањето „под тепих“ на насилните настани за кои сме сведоци, само ја разорува и така кревката доверба во надлежните институции и служби.

denesmagazin.mk