Форумот за демократска Македонија (#ФДМ) смета дека загрижува растечката тенденција на незаконски дејствија на владеачката коалиција во Македонија. Главни белези на управување со државата стануваат сомнежите за корупција, непотизам, партиски вработувања, сомнителни тендери и набавки на луксузни возила (како на пример во локалната самоуправа во Струга и деновиве во МЕПСО). Понатаму, се именувваат лица на одговорни места во управни и надзорни одбори во важни државни институции без да имаат соодветно образование и професионална експертиза.
ФДМ остро реагира на мноштвото примери за непотизам кои наидуваат на жестока критика во јавноста, но поминуваат без соодветни владини реакции, како оставки или разрешувања од одговорните работни места. Станува збор за десетици роднински вработувања во компаниите ЕЛЕМ и МЕПСО, како и 87 нови вработувања во РЕК – Битола.
Особено разочаруваат политичките компромиси во судскиот систем и владеењето на правото во државата. На пример, според новиот Закон за Јавното Обвинителство, во случаите на Специјалното Јавно Обвинителство отворени по 20.06.2017, прислушкуваните разговори не ќе може да служат како докази во многу важни истраги за корупција – онаа за пропаднатиот попис под име „Попис”, во истрагата „Пациент“, ниту во истрагите „Подарок”, „Базни станици“, „Хармонија“ и „Моќник”. Загрижува фактот дека овие истраги се водат против лица кои биле и сеуште се на високи политички функции и донесуваат важни одлуки за животот и иднината на сите граѓани во Македонија.
Наведените примери, како и нетранспарентното и пристрасното управување со државни ресурси и материјални средства, како на пример бескрупулозното уништување на Охридското крајбрежје и скорешната распределба на буџетот во Министерството за култура, тендерите во здравството и грантовите на Фондот за иновации, доведуваат до топење на довербата во сегашната владеачка коалиција.
ФДМ смета дека изговорите и оправдувањата на сегашната владеачка гарнитура за неспроведувањето на ветените реформи, за неправилностите во работењето и отсуството на отчетност, не се разликуваат многу од недемократското и корумпирано владеење на претходната власт, а сегашна опозиција.
ФДМ, понатаму смета дека на Владата и’ треба подобра визија и план за справување со „заробената држава” и создавање систем со мала функционална Влада и администрација, систем во кој ќе владее правото и медиумите ќе бидат слободни.
За да се остварат овие цели, потребно е:
– Итно да прекинат сите негативни тенденции како партиски и роднински вработувања, а сите постојни вработувања да се преиспитаат од Антикорупциската комисија.
– Министерството за Финансии да го преиспита и спречи расипничкото трошење на парите на даночните обврзници, посебно од страна на партиските функционери.
– Да престанат сите политички компромиси кои се во име на опстанок на владеачката коалиција, а ја загрозуваат правната држава.
– Владата сериозно да се посвети на борба против корупцијата, а меѓу другото и со онаа во сопствените редови, нешто што беше нејзина примарна заложба пред доаѓањето на власт“, стои во реакцијата објавена на нивната Фејсбук страница.