Гигантите Фејсбук и Епл повторно влегоа во судир. Двете компании долго време се расправаат за прашања поврзани со приватноста, но ова особено се истакна откако Епл им овозможи, со новото ажурирање на софтверот, на корисниците на iOS да одберат дали и во колкава мера ќе дозволат нивните податоци да се споделуваат за разни маркетинг потреби. Фејсбук смета дека ова претставува закана за малите бизниси, кои ги користат социјалните медиуми за да допрат до клиентитe.
„За да биде успешна, технологијата не мора да се темели на огромни складишта од информации. Маркетингот постоел и се развивал со децении и без тоа. Ако нашиот бизнис е изграден врз мамење на корисниците околу тоа како се употребуваат нивните податоци, тоа не заслужува пофалби, туку заслужува реформи“ изјави Тим Кук, извршниот директор на Епл, кој уште во 2018 за компаниите како Фејсбук рече дека се „тотално надвор од контрола“.
Според Епл, Фејсбук ја нарушува приватноста на корисниците без нивна дозвола, но според Фејсбук, оваа стратегија е во најдобар интерес на милиони мали бизниси. Компанијата, исто така, вели дека корисниците претпочитаат реклами што се релевантни за нив.
„Епл ги има сите стимулации да ја искористат нивната доминантна позиција на платформата за да се мешаат во работењето на нашите и други апликации, што тие редовно го прават, за да ги претпочитаат своите. Ова влијае на растот на милиони бизниси ширум светот, вклучително и со претстојните промени во iOS 14. Многу мали бизниси повеќе нема да можат да ги достигнуваат своите клиенти со таргетирани реклами. Епл може да каже дека тие го прават ова за да им помогнат на луѓето, но со овие потези јасно ги покажуваат нивните конкурентски интереси“ рече шефот на Фејсбук, Марк Закерберг.
Инаку, iOS 14 вклучува голем број измени со цел да ја зголемат приватноста на корисниците и контролата над нивните податоци. Апликациите како Фејсбук сега ќе треба да бараат од корисниците дозвола да ги следат или да го користат идентификаторот за рекламирање на уредот. За Фејсбук, оваа промена воведува невообичаено ниво на несигурност во неговиот бизнис.