Филипче: До крајот на месецот ќе стигнат 500.000 дози од “Синовак”

Сподели

 

До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо. 

 

 

-Сакам да изразам благодарност за поддршката од Кинеската Амбасада и амбасадорот Џанг Ѕуо за неговите заложби во целокупниот изминат период. Поддршката од Народна Република Кина е од огромна важност за здравствениот систем. Во текот на месец март и април оваа година Кинеската Амбасада донираше на Министерството за здравство на Република Северна Македонија медицинска опрема за третман на пациенти заболени од Ковид-19 вирусот во износ од 38.500 Евра. Оваа опрема беше соодветно распределена низ ковид центрите каде што беше најпотребна за третман на заболените пациенти. Дополнително, во текот на февруари 2021 година Црвениот Крст на Кина донираше на Министерството за здравство финансиски средства во износ од 100.000,00 долари за набавка на лекот фавипиравир. Во текот на изминатата година Кинеската Амбасада донираше на Министерството за здравство финансиски средства во износ од 30.000 Евра и лична заштитна опрема како заштитни хируршки маски, Н95 маски, скафандери, каљачи, ковид тестови итн. – потенцираше министерот Филипче во денешната изјава за медиуми.

 

 

-И покрај ограничениот производствен капацитет и огромната побарувачка дома, Кина ја испочитува својата обврска со обезбедување вакцини за Северна Македонија. Кина е подготвена да ја продолжи соработката со Северна Македонија, како и со другите земји за да ги надминеме заедно лошите времиња. Ние цврсто се спротивставуваме на обидите да се користи пандемијата за да се продолжи со стигматизација и политичка манипулација. Треба да се вложат напори за заштита на животот и здравјето на луѓето, како и за обезбедување на нивните основни права и нормален живот. Со заеднички напори од владата на Северна Македонија, Министерството за здравство, медицинскиот персонал, особено јавноста, бројот на нови случаи значително се намали. Процесот на вакцинација е извршен на уреден начин. Кина е подготвена да продолжи да го поддржува народот на Северна Македонија во борбата против пандемијата за рана победа. – изјави денеска амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо.

Министерот изјави дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.

Министерот очекува колективен имунитет да постигнеме до крајот на летото.