Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека утрово со слушнал со српскиот министер за здравство Златибор Лончар со кој договориле да се организира ревакцинирање на македонските граѓани некаде поблиску, односно Ниш или Врање.
Најголем дел од граѓаните, треба да се ревакцинираат од 17 до 20 јуни, но детали каде ќе биде нивното ревакцинирање ќе бидат соопштени следните денови. Според Филипче, сепак во Србија треба да се направи организација за чувањето на вакцините и транспортот.
Најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија ќе продолжи да ги вакцинира македонските граѓани Филипче го смета за чин на добрососедство. На сајтот за ревакцинација кој е наменет за оние граѓани кои првата доза на вакцина ја примиле во друга држава, Филипче информираше дека се пријавиле 1.000 граѓани.
Во однос на пристигнувањето на вакцини во нашата држава, тој информираше дека она што во следниот период се очекува, се оние на „Фајзер“ кои по 10.000 пристигнуваат секој понеделник.
Во јуни се очекува дополнителна количина од 100.000 вакцини на Фајзер, а кинеската амбасада најавила дека „Синовак“ ќе пристигнат во следните седум дена. За руските вакцини „Спутник“ нема конкретен датум кога ќе пристигнат.
За епидемиолошката слика министерот за здравство вели дека никој во светот не може да предвиди што точно ќе се случува со вирусот бидејќи тој во некои држави веќе е мутиран во повирулентен.
„Може да се случи мутација која е позаразна од претходнте соеви и тоа се случува во светот. Со тоа што сега вакцините спречуваат од тешка форма на болеста и смртен исход. Нашата проценка, со резерва, е следните два месеци за време на летото епидемиолошката слика да биде мирна. Сепак, граѓаните треба да ги почитуваат мерките, посебно носењето на маски кога има поголемо групно собирање. Засега нема знаци на влошување на состојбата,“ оцени Филипче.
Министерот за здравство вели дека нема притисок од пациенти врз работата на клиниките откако тие се вратиле на својата примарна дејност, бидејќи тие и за време на ковид-кризата не ја запреле нивната нормална работа како што се Клиниките за гастро, неврологија, пулмологија, интерните клиники.
Постковид пациенти се лекуваат на Клиниката за пулмологија и Клиниката за детски болести, но тие не се во живото-загозувачка состојба. Филипче вели дека немало пациенти со тешки постковид форми, а болеста остава последици по белите дробови, потешкотии во дишењето, но се надминувала со терапии.