Министерот за здравство д-р Венко Филипче во денеска во изјава за медиуми информираше за текот на вакцинацијата во А1 Арената Борис Трајковски каде во моментов се одвива вакцинација на граѓани помлади од 75 години.
-Денеска салата Борис Трајковски продолжува да работи како 4ти пункт за вакцинација во Скопје и сите граѓани кои уште на почетокот беа пријавени, а се на возраст под 75 години, односно 73 и 74 години ќе се вакцинираат тука во Салата во следните денови. Вакцинацијата ќе биде со вакцините кои ни се на располагање. Спутник В тоа што останаа после завршување на вакцинирањето на критичната инфраструктура, дел од вакцините на Астра Зенека и донацијата од страна на ОАЕ а тоа е кинеската вакцина. Направен е распоредот, нешто поразвлечен заради тоа што сепак станува збор за постари граѓани, некои од нив доаѓаат со придружба, а согласно динамиката како ќе се одвива ќе се прави распоредот и за следните денови. Добро се одвива целокупниот процес на вакцинација и во салата Борис Трајковски, а и ширум пунктовите во државата – кажа министерот Филипче.
Утрово е потврден и точниот датум на пристигнување на кинеските вакцини во количина од 200.000 дози и истите се очекува да ги добиеме на 28ми април со што ќе се забрза динамиката на вакцинацијата и со истите ќе се опфати и поголема група на граѓани.
-Следните вакцини на почеток на следната недела ги очекуваме од страна на компанијата Фајзер, според најавата на 19ти, 10.000 вакцини, на 26ти уште 10.000 и утрово потврдата од кинеската амбасада дека кинеските вакцини треба да ги очекуваме околу 28ми април – изјави министерот.
Во текот на денот министерот за здравство д-р Венко Филипче ќе има средба со градоначалници и директори на градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово во која ќе се дискутира за проширување на масовната имунизација и спроведување на истата и во овие градови.
-Денеска во 14:30 имаме состанок со градоначалниците и директорите на Здравстените домови на 6те града каде планираме да организираме еден сличен ваков пристап, да разговараме за местата каде би можело тоа да се одвива, станува збор за градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово и секако со директорите на Здравствените домови да поразговараме за тоа како ќе се прераспредели календарот – изјави Филипче.
Што се однесува до состојбата во болниците, минситерот истакна дека после оној мини пик, како што беше голем притисокот на почеток на неделата, бројките сега се мали.
-Денеска вкупниот број на новодијагностицирани повторно бележи пад, под 900, некаде околу 890, за кратко време ќе излезат и официјалните информации меѓутоа тоа сето го гледаме и во болниците како во Скопје, така и ширум државата. Тој притисок што го имаше претходно го нема. Се уште има пријави и се уште сме внимателни заради тоа што има голема бројка на дијагностицирани пациенти на кои може да им затреба болнички третман меѓутоа не е таква бројката на приеми каква што беше пред една недела. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и дека дефинитивно ова се знаци дека и овој бран стивнува-изјави министерот Филипче.