Францускиот предлог утре ќе се најде пред пратениците во Собранието, а седницата е закажана откако Владата до Парламентот испрати дел од документите поврзани со предлогот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за истиот ден, половина час пред почетокот на оваа седница, закажа уште една на која обраќање ќе има претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Седницата на која пратениците треба да расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, е закажана во 13:30 часот.