Биеналната изложбата Париски сигнатури 2 е поставена во Акантус од 13 март до 22 мај 2020 година. Согласно владините препораки за неодоржување на јавни настани, заради состојбата со корона вирусот, свечено отворање на изложбата НЕ е планирано.
Овогодинешната селекција на уметници (Тања Балаќ, Атанас Ботев, Шќипе Мехмети, Наташа Милованчев, Кристијан Санев, Марија Светиева и Маријета Сидовски) и дела беше направена од Dijana Tomik. Како куратор на изложбата таа ќе каже:
“Визуелниот уметник ја бара својата совршена форма на мислата, никогаш верувајќи ѝ тотално на довербата која делото ја загатнува. Барајќи ја содржината уметникот трага по бесконечноста на знаењето и сознанието. Новите мисли по кои уметникот трага не се само форми, објекти, туку хармонијата на единството, лиризмот кој созрева од сржта на своето значење. Тогаш нема значење во повторувањето на перцепциите туку перцепциите се самиот готов резултат.
Мобилноста на еден создавач, визуелен уметник, кој трага по состојките на својот интерес, суштествено може да го измени чувството на припадност или на неприпадност како слобода по која бескрајно се трага.
Со начинот на кој амбиентот ќе го формира уметникот или ќе го обликува со оглед на неговата вештина, тој создава возбудлив, сублимиран, во и вон каноните „убав“ свет. Така станува креатор на она што е или пак што може да биде.”
„Париски сигнатури 2“ ви претставува уметници што престојувале во ателјето на Cité Internationale des Arts, живееле во Париз и го впиле шармот, ја почувствувале неговата слободоумност и елеганција, уживале во неговата дрскост и бунтовност и со сето тоа се воспитувале низ другоста што Париз ја нуди.