Градоначалникот на Чаир, и кандидат на ДУИ за следните четири години на оваа позиција, Висар Ганиу денеска во Старата скопска чаршија се сретна со млади луѓе од оваа општина, каде ги информираше дека Општина Чаир ќе обезбеди 400 квадратни метри простории, канцеларии опремени за развој на почетни бизниси и нови идеи за развој.
Ганиу рече дека преку овој проект им се нуди на младите можност како поединци или групи млади луѓе да се обучат како да отворат нов бизнис, Старт-ап, сето тоа покриено од Општина Чаир, со простор, опрема и финансиски средства.
„Центарот за стартапи и иновации има за цел да им обезбеди на младите луѓе канцеларии и инфраструктура потребни за започнување бизнис – интернет конекција, канцелариски мебел, електронска опрема – принтер, проектор, а овие уреди младите ќе можат да ги користат одреден период додека не се зајакне нивниот бизнис“, рече Ганиу по средбата со младите луѓе.
Тој додаде дека за младите луѓе кои ќе имаат иновативни идеи за бизнис, заедно со приватниот сектор ќе создадат фонд, со кој бизнисите на младите иноватори ќе имаат пристап до финансии, а општината ќе им помогне со логистика на канцеларии и простор.
„Во овој проект ќе го вклучиме и Фондот за иновации на ниво на влада, како и други домашни и меѓународни институции кои можат да финансираат ваков тип на проекти“, рече Ганиу, објаснувајќи дека до 50 млади, индивидуално или во мали групи ќе ги имаат сите потребните технички можности и опрема, неопходни за развој на нивниот бизнис.
Општината Чаир, рече кандидатот за нов мандат Висар Ганиу, ќе биде поврзувачкиот мост, гарант и најголем промотор на овие бизниси со цел да, како што кажа, младите да продолжат да се смееат и да го направат светот подобро и попристапно место за живеење.