Бојкот не значи ништо друго освен тоа дека оставате другите да ја донесат одлуката за вас, а да оставите историјата да ги интерпретира вашите ставови, пишува претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Во последниве неколку дена, во оваа жешка фаза пред референдумот на 30 септември, често размислувам како ли се чувствувале генерациите што имале можност да гласаат на референдумот на 8 септември во 1991 година. Сигурно ни ним не им било лесно да се одлучат и да го изградат личниот став за тоа каква треба да биде иднината на нивната држава. Во повеќе наврати низ разговори со луѓе од таа генерација, едно нешто што секогаш ми импонираше беше оптимизмот за иднината која генерацијата го имала, па макар ризикувале сè она што било во минатото.
Сепак, пред да навлезам во сличностите од историскиот референдум за генерацијата која што избра независна Македонија и оној што следи, сметам дека е важно да отстраниме неколку дилеми што се шират по социјалните медиуми. Оттаму, би започнал неколку куси одговори на некои дилеми што произлегуваат од дискусиите.
– Референдум е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одредени прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија. Значи, Собранието е тоа што распишува референдум со цел граѓаните да се изјаснат дали се ЗА или ПРОТИВ поставеното прашање. Оттаму, наша граѓанска должност е да се изјасниме за прашањето.
– Одговорите на прашањето се прилична лесна равенка. Или сте За или сте Против. Бојкот не значи ништо друго освен тоа дека оставате другите да ја донесат одлуката за вас, а да оставите историјата да ги интерпретира вашите ставови.
– Не, референдум не значи гласање за политички партии. Политичките партии можеби имаат став за прашањето и го мобилизираат своето членство за една од можностите. Ама на крајот на денот граѓаните се оние што гласаат на даденото прашање. А прашањето е сте ЗА или ПРОТИВ даденото прашање. Можеби не сте задоволни од моменталната политичка гарнитура која што е на власт, но референдумот во својата суштина значи давање јасно мислење кон што треба СИТЕ политички партии да работат. Прекршување на волјата на граѓаните кои се изјасниле за прашањето е неприфатливо. Видете на пример што се случува во Велика Британија и нивниот Брегзит. Иако политичките партии немаат многу можности што не би биле катастрофални за земјата по излегувањето од Европската унија, сепак дадениот глас и мнозинството на граѓани одлучило.
– Да, референдумските прашања се генерално тешки прашања со многу можности за преформулација. Ама да беше лесно да се донесе одлука, барем во нашиот правно политички систем, немаше да нè прашуваат нас граѓаните да ја дадеме насоката кон којашто сакаме нашата држава да се движи.
Референдумските прашања на национално ниво не се честа појава во нашата политичка практика. Поточно, граѓаните во нашата држава само два пати имале можност да го насочат државниот курсот на земјата. Еднаш на денешен ден пред повеќе од 27 години кога 1.132.595 излегоа да гласаат, а 1.079.308 граѓани избраа независност и можност за стапување во сојуз со другите држави од поранешна Југославија. Вториот пат е една помалку успешна приказна. Распишаниот референдум по граѓанска иницијатива не го мина прагот за излезност. Оттаму, можеме да заклучиме дека граѓаните во нашиот политички систем немале чести средби со можноста директно да влијаат врз насоката во која што се движи државата. Токму затоа е важно граѓаните да ја искористат својата можност, кога ја имаат. Тоа се генерациски и историски можности кои не треба да бидат испуштени.
Јас, како член на генерацијата која што е родена во Република Македонија (не СР Македонија) во 1992, секогаш бев фасциниран од куражот на генерацијата која што имала можност да гласа во 1991. Низ денешна призма, референдумот немал никакви гаранции дека ќе помине без крвопролевање како што тоа беше случајот со референдумите во сите други сојузни републики. Неизвесноста и дебатата одела и кон поставеното прашање, кое покрај прашањето за самостојна и суверена Република Македонија, вклучувало и „право на влез во иден сојуз на суверени држави од Југославија“. Јас сум горд на тие генерации на граѓани. Во нималку поволни услови ја имале визијата, доблеста и силата да дадат нова насока за државата, без страв од последиците. Нивна е заслугата што на крајот на месецот самостојно можеме да ја одлучиме нашата заедничка иднина.
Се надевам дека и мојата генерација ќе црпи инспирација од тогашните гласачи. Бидејќи тие не гласале за партиите, тие гласале за Македонија и каква сакаат да ја видат. Сега на нас е прашањето каква Македонија сакаме да имаме.Сите прашања заслужуваат одговор, особено тие што ти ја одлучуваат твојата иднината и иднината на државата. Бојкотирањето на прашањата не носи ништо, освен тоа дека на крајот ќе биде оставено на историјата да интерпретира кој бил ставот на таквите граѓани.
8 септември оваа година се паѓа на 30 септември за нашата генерација. Знаејќи дека иднината на курсот на државата зависи од нас граѓаните, јас ќе ја исполнам мојата граѓанска должност. Нека ни е честит денот на независноста што ни овозможи да бидеме онаму каде што сме сега, и самостојно да одлучиме на 30 септември!
Блажен Малески, претседател на Националниот младински совет на Македонија