Германија како главен приоритет во преговорите за заминување на Велика Британија од ЕУ ќе го потенцира единството на преостанатите земји членки, дури ако тоа предизвика негативни финансиски состојби. Ова е содржано во партиски документ на германските Социјалдемократи, јавува дописникот на МИА од Берлин.
– Ако дозволиме „Европа а ла кард“ односно Унија во која што сите ќе добиваат се` што ќе посакаат, тоа ќе доведе до неконтролиран домино ефект, којшто ќе биде закана за единството на Унијата, се вели во документот, кој го објавува германските медиуми, а е подготвен од експерти на СПД, која што е дел од владината коалиција во Берлин .
За документот неделава треба да расправа и парламентарната група на СПД во германскиот Бундестаг. Германската влада инсистира што е можно побрзо Лондон да почне со процесот на заминување од ЕУ условувајќи го притоа учеството на Велика Британија во заедничкиот европски пазар со слободниот проток на луѓе, капитал и стока.