Годишно време на затворените очи – БОРЧЕ ПАНОВ

Сподели
4941_1193306271425_1282794_n
Утрото е меморија од еден миг како годишно време на затворените очи
Господ се врти околу својата замислена оска,
а ние го гледаме
со семето на сонцето што ги повикува своите ветришта
светот е разгорена опомена на убавината,
светот е пеколен камшик што пука на врвот,
светот е жарче од љубов во очите на децата –
мали детски скелети облечени само со кожа,
светот е оружје што ги убива предците во нас
светот е крвна линија што мигрира од меридијаните
избезумени од ламтежот на кучињата на војните,
светот е стрела што патува ноќе, а не` погодува дење
денот е меморија од ноќта –
сон што станува крв и плот на сите наши стравувања
Господ се врти како сина планета
и само со неколку клика е поглед од автобус
и татко со бебенце во ранецот во колоната бегалци
и народ во отворени вагони за јаглен
светот е совест поразена на распетието,
светот е камп за бегалци и бегство од разумот
светот е милост со која се замислуваме за иднината –
вреди ли да бидеш бомба на самиот себеси
и со својата смрт да убиваш во името на Господ
Господе, те молам не биди причина да се убиваме,
одземи ни ја силата со која те измамивме,
зашто се` уште не` ја сфативме твојата саможртва
и поткрепи не` со уште едно будење од вечноста
ноќта е меморија на денот
и еден поглед кон вечно будните ѕвезди
што ги поврзуваме со нашите соништа…