Голем, двоглав орел на рамото – Џабир ДЕРАЛА

Сподели

Денот е долг и здодевен за едно младо момче од западните рурални краишта на Македонија. И тој и неговите другари живеат со своите семејства, со многу членови од три генерации – баби и дедовци, мајки и татковци, браќа и сестри. Имаат голем двор во кој има две речиси идентични куќи на по два ката, на двајцата браќа, татко му и чичко му. Иако изгледаат големи, куќите се прилично тесни. Особено во зима, бидејќи греењето е сѐ поскапо, а ѕидовите немаат добра изолација. Се греат на дрва што ги купуваат од дрвокрадците.

Постарите двајца браќа му се во Швајцарија, работат градежништво. Од раскажувањето по дома дознава дека порано праќале повеќе пари, ама последниве години малку послабо. Едниот се ожени пред неколку години со девојка од селото. Свадбата беше многу голема. Многу гласна музика и многу пукање. Другиот, инаку единствен што заврши школо и тоа за градежен инженер, се ожени со тамошна, Швајцарка. Не правеа свадба, само дојдоа на вечера дома. Тогаш немаше пукање. Имале ручек и во Швајцарија, на кој отидоа неколку постари претставници на семејството. Многу убави работи кажаа кога се вратија, ама се пожалија дека немало свадба, а на ручекот немало ни музика.

Кога се јавуваат на скајп, тоа се бескрајни семејни сеанси. Браќата зборуваат сѐ почуден албански, измешан со странски зборови, посебно постариот брат, оној што се ожени со Швајцарка. Нивниот син не знае албански.

Нема работа. Веќе одамна немаат имот, го продале на времето за да изградат куќи и да отворат бизнис, ама слабо оди. Само куќите останаа. Татко му работи како дистрибутер, вози низ цела Македонија. Сестра му оди во основно училиште, клинка, речиси не ја гледа. Таа е најчесто со мајка им, по дома. Од сите што живеат во двете куќи во големиот двор, работи само татко му. Ама се живее некако. Најмногу помагаат неговите двајца браќа од Швајцарија и братучед му од Америка.

Секој ден оди во чајџилница. Додека постарите пијат чај и играат домино, помладите се на Фејсбук, седнати заедно, но секој со својот телефон, на својот профил. Коментираат коментари. Ако некој во друштвото нема фотка со албанско знаме, се бара начин тој голем „пропуст“ да се надомести. Повеќето другари имаат фотка на која се завиткани со знамето или го веат на некој настан, протест или партиски митинг. Мразат каури или шкавели, како што ги нарекуваат. Под шкавели подразбираат Македонци и Срби. Имаат и други погрдни зборови за своите македонски сограѓанки и сограѓани. Кога сакаат да звучат пристојно и учено, ги нарекуваат Славо Македонци. Ама тоа е ретко. Ги викаат и Бугари.

Не си одат по гости, освен за прослави. Тесно е по куќите, а секогаш се таму мајките и бабите. Понекогаш дедовците ќе измислат некоја работа по дворовите, па мора да го потрошат цел ден на апсурдни задачи.

Кога има нешто повеќе пари, оди в град со другарите. Неговите никогаш не му го дале стариот, бордо опел, ама има другарчиња во друштвото чии родители имаат нешто повеќе пари, па им ги даваат колите на децата. Тоа е најдобар начин да се стаса до блискиот град, да отиде во кафич или диско. Тој и неговите другари одат само во чисти кафичи, каде што не се мешаат со Македонци. Такви мешани кафичи имало само во Скопје, Алах да те сочува! Велат дека има и во Тетово, Гостивар и Куманово, ама не бил во таков кафич.

Во кафичите и во диско има и девојки. Понекогаш му успева да украде некој срамежлив поглед од масите каде што има девојки, не носат шамии, а некои се и прилично слободно облечени. Субан Алах, Астагфирулилах! Неговите другари велат дека денешните градски девојки се курви. Ако се женат, ќе се женат со девојка од селото. Сите заедно мразат педери. Ама Македонците ги мразат најмногу, бидејќи се лоши и затоа што сакаат да ги убијат Албанците. Така пишува на Фејсбук. Мразат и предавници што пишуваат за заеднички живот со Македонците.

Беше во Скопје неколку пати, на протести и митинзи, заедно со татко му, другарите и нивните татковци. На митинзите имаше и девојки, скопјанки. Многу од нив не носеа шамии, а некои имаа и мини сукњи. Субан Алах, Астагфирулилах! Порано сите беа за ДУИ. Сега се измешани работите. Тој и неговите другари зедоа членски книшки и од новите партии. Тие давале работа и пари. На избори гласаат како што ќе им каже најстариот во семејството.

Најмногу сакаат да слушаат турбо фолк. Во Косово има многу добар турбо фолк, ама најдобри се бугарските и српските пејачки. Тие се дел од неговите фантазии, оние од кои му црвенеат образите. Знае многу песни на српски. Многу сака да оди на концерт на Цеца во Скопје.

Сака и да пие, ама оџата забранува. Мора да се кријат со другарите. Некои од друштвото тврдат дека алкохолот е харам. За дрогата не пишува ништо во Куранот, мора да е помал грев да се дрогираш, отколку да пиеш алкохол…

Најмногу од сѐ, сака да си замине од Македонија. Постојано им пишува на браќата во Швајцарија да му средат документи, ама тие велат дека работите се сменети во денешно време и дека ќе се обидат идното лето да му најдат сезонска работа. И така секое лето, веќе четири години. Нејсе, постари се, ги почитува и им верува. Ама и се нервира.

Редовно оди во џамија. Не го слуша оџата, обично е во последните редови, но уредно клања. Некои негови другари клањаат по пет пати дневно. Тој се клања само во џамија. Многу го почитува оџата. Тој е многу богат. Вози Мерцедес и пуши Малборо. Некои велат дека го виделе во Скопје, пијан. Тој, сепак, им верува на оние што тврдат дека оџата имал црвени очи поради силна настинка.

Оџата вели дека не е добро да се тетовираат луѓето, ама тој и другарите често разговараат за тоа. Едногласни се дека, ако соберат пари, ќе истетовираат по еден голем двоглав орел на рамото.

civilmedia.mk