ГОЛЕМАТА ПОПЛАВА ВО СКОПЈЕ
“НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС” – ГЕОРГИ АЈАНОВСКИ
Во ноември 1962 година се случи големата поплава на Скопје, а осум месеци подоцна катастрофалниот земјотрес во македонската престолнина.
На поплавата и претходеа неколкудневни поројни дождови. Нивото на реката Вардар се искачи на неколку метри; надојдената вода почна да откорнува високи стебла крај брегот, тие ги затнаа проодите под мостовите и реката го проби насипот кај градскиот парк. Во почетокот граѓаните љубопитно го набљудуваа наглиот пораст на водата, а кога таа се излеа во паркот и најблиските улици, потрчаа во своите домови да подготват некаква заштита. Штабот за цивилна заштита преку радиото ги повика граѓаните што живеат во пониските делови од зградите и куќите, веднаш да се евакуираат на побезбедни места. Водата во речни налети се проби до плоштадот, поплавувајќи голем број градски квартови во центарот на градот.
Скопје заличи на големо езеро, по кое спасувачките екипи се движеа со гумени чамци. На помош излезе и Армијата која напоредно со спасувањето на постарите лица заробени во подрумските простории и сутерени, започна да поставува брани од вреќи со песок, во обид да се спречи поплавувањето на јужните делови на градот.
Во редакцијата беше прогласена мобилна состојба. Сите новинари, независно во која рубрика работат, беа испратени да известуваат од теренот. Бидејќи водата го беше поплавила целиот булевар „ЈНА”, до зградата можеше да се стигне само со чамец или со собуени чевли и подвиткани ногавици до колената. Една новинарска екипа, предводена од Мирко Миронски и Тихомир Михајлов, со двајца фоторепортери се упатија со воени џипови кон кањоните на Матка, каде што се закануваше опасност од пукање на браната. Во таков случај, тврдеа експертите, би се создал бран висок преку седум метри кој што едноставно би го збришал градот и во стихијата би нашле смрт стотина илјади граѓани. Под ризик на сопствените животи, скокајќи од стебло на стебло како на некој сплав создаден од натрупаните дрвја пред самата брана, новинарите на “Нова Македонија” на лице место сведочеа за една потресна драма: најпознати македонски хидро-инженери од минута во минута вршеа испитување на издржливоста на стрмиот бетонски ѕид. Нивните проценки беа повеќе од оптимистички: квалитетот на браната, изградена пред Втората светска војна, укажуваше дека таа ќе може да издржи далеку поголем притисок од моментот на мерењета. За среќа, нивото на водата го достигна својот максимум и полека, полека, благодарение на повремените испусти на вода преку резервните одливи во хидроцентралата, нивото почна да се намалува.
Во тие моменти во редакцијата се слеваа стотици информации за состојбите во градот, за разни човечки судбини во спасителските акции но, и за загубени животи на стари и болни граѓани кои не успеале навреме да се евакуираат од своите домови. Редакциските обиди да се стапи во телефонски контакт со кризниот штаб, сместен во зграда на Булеварот “ЈНА” (спроти сегашниот Соборен храм), останаа безуспешни. Им предложив на моите уредници да се обидам да стигнам до штабот со пливање. Ме погледнаа збунето, низ коментар: -Немаш ли нешто попаметно да предложиш?
Ноември беше студен, а водата мразовита. Ги соблеков алиштата и покриен само со мантил шушкавец, што во тоа време беше во мода, тргнав кон штабот. До улицата „Иво Лола Рибар” водата ми беше до колениците но, понатаму таа стигна до моите гради. Но, на некои места го губев тлото под нозете и бев принуден неколку метри да поминам со пливање. Искиснат и изѕемнат, сепак стигнав до целта. Во Кризниот штаб владееше вистински хаос: растрчани луѓе на сите страни, телефонските врски во прекин, преку мобилни радио станици гласно се издаваа наредби и задачи. Началникот на штабот откако ме забележа како се тресам од студ, ми подаде едно ќебе да се покријам. Во Кризниот штаб добив информации за севкупната состојба на градот: колку улици се поплавени, кое е највисокото ниво на водата, колку граѓани се евакуирани но, и колкумина станаа жртви на водената стихија. Началникот не дозволи да се вратам газејќи ја водата, туку нареди со еден гумен чамец што им стоеше на располагање, да бидам префрлен до редакцијата.
(извадок од книгата “Новинарски хронопис”)