Од денеска почнуваат со работа градинките, согласно здравствените протоколи. Сите установи во земјава согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија со ковид-19, како што посочи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.
Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца го донесе Комисијата за заразни болести, а со него се овозможува реализација на процесот под посебни мерки за превенција од ширење на коронавирусот.
“Проценките на МТСП велат дека согласно протоколот во градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители кои работат, а двајцата мора да се на работното место. Според податоците од градинките нешто повеќе од 14.000 деца се пријавени за посетување градинка, а има место за повеќе од 4.000 деца. Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат” – изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и додаде дека приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома.
” Протоколот предвидува засилени воспитни активности со деца со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусот” – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.