Граѓанските организации остро ја осудуваат пресудата против ИРЛ за клевета и бараат да се утврди одговорност за донесувањето на истата
“Граѓанските организации, потписнички на ова барање остро реагираат на пресудата во предметот против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за клевета со која се загрозува слободата на здружување и слободата на изразување. Со ова се повредуваат некои од основните човекови права загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија.
Загрижени сме за тоа како правосудните органи со оваа скандалозна пресуда формулираат тендециозно толкување на Уставот и на Законот за здруженија и фондации со што ги доведоа во прашање секојдневните активности на повеќе од 15.000 регистрирани здруженија и фондации при исполнување на нивните цели. Укажуваме дека толкувањето во пресудата е целосно во спротивност со веќе утврдените насоки на ОБСЕ/ОИДХР и Венецијанската Комисија за имплементација и практикување на правото на слобода на здружување.
Тоа што особено загрижува е непостапување по членот 20 од Уставот со кој децидно им се гарантира слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Дополнително, согласно член 110, Уставниот суд е тој кој што одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Очигледно е дека Судот во образложението на пресудата си дозволил да го толкува Законот за здруженија и фондации (ЗЗФ) спротивно на неговите целите со што ја доведува во прашање слободата на вршење на активностите на здруженија и фондациите. Укажуваме дека во пресудата се земени делови од одредби кои се погрешно толкувани, а не се земени предвид членовите кои се однесуваат на слободата на делување. Членот 14 од ЗЗФ кажува дека организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките. Останува нејасно како Судот не ја земал предвид оваа одредба и дали за него терминот „учествуваат во градење на јавно мислење и креирање на политики“ е возможно без јавно изнесување на информации за спроведените активности на организациите во рамки на своите цели.
Со поставеноста на пресудата се доведува во прашање идното јавно изнесување наводи од спроведени анализи, анкети, истражувања и слично на било кое здружение или фондација. Се поставува прашање дали спортските клубови кои се регистрирани согласно овој закон ќе можат да изиграат јавно еден спортски натпревар или пак културно уметничките друштва ќе можат да одржат јавно концерт.
Сакаме да укажеме дека повикувањето на терминот на организации од јавен интерес во пресудата е целосно злоупотребен и очигледно е дека не ни биле прочитани одредбите од законот за овој тип на здруженија туку само се искористил називот за да се оправда пресудата. Имено, во Македонија има регистрирано само 5 организации од јавен интерес и тие немаат поинакви права од другите здруженија во делот на учество во градење на јавно мислење и креирање на политики.
Организациите од јавен интерес имаат повластувања исклучиво за даночни олеснувања и евентуално државно финансирање што секако е целосно спротивно од толкувањето во пресудата. Со ова, Судот си дозволил целосно спротивно да го чита Законот со што креира негативна правна пракса.
Евидентно е и дека Судот имал многу мало познавање на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП) и поставеноста на правото на приватност наспроти правото на слобода на изразување. Препораките од ЕСЧП и КЧП се дека судот мора да го балансира членот 8, односно слободата на приватност, со слободата на изразување, членот 10, а не обратно. Во оваа насока, за да може да биде утвдена одговорност за клевета и навреда, судовите во своите одлуки треба темелно да образложат зошто ограничувањето на слободата на говорот е согласно закон, се стреми кон легитимна цел и е неопходна во едно демократко општество. Затоа, интервенцијата треба да биде првенствено согласно домашните закони, што во овој случај не сме целосно убедени дека е исполнет критериум, бидејќи пресудата се однесува на објавен истражуваки текст. Покрај ова, ограничувањето на слободата на говорот треба да се среми кон легитимна цел, како на пример спречување на говор кој повикува на насилство, говор на омраза или друг говор кој може да предизвика посериозни општествени проблеми. Во таа смисла, судовите треба да имаат предвид кој и во кое својство ги изнесува тврдењата. Дали тврдењата се факти или вредносен суд, кон кого се насочени, колкава е сериозноста на изнесените тврдења и влијанието врз репутацијата на засегнатата страна, како и дали истите придонесуваат за поширока јавна дебата. Евопскиот суд за човекови права во својата практика има утврдено дека политичарите свесно се впуштаат во начин на живот каде секој нивни чекор ќе биде под јавна критика, поради што прагот на толеранција кај политичарите треба да биде многу висок. Заради сето ова, а имајќи ја предвид донесената пресуда, сметаме дека Судот не е доволно убедлив дека ги разгледал овие прашања со должно внимание и во контекст на практиката на ЕСЧП. Конечно, ограничувањето на слободата на говор мора да биде неопходно во едно демократско општество, односно да биде применето како последна можна мерка, при што мора да се има предвид со каква тежина ограничувањето го погодува санкционираното лице, со цел да се избегне каква било цензура и обесхрабрување на новинарите и граѓаните да се впуштаат во критика на државната власт.
Оневозможувањето на критична мисла за одредени општествени појави директно се коси со принципите на демократија и добро владеење. Поткопувањето на овие постулати само креираат затворени и заробени институции кои не преземаат одговорност за своите негативни активности.
Токму здруженијата и фондациите со својата работа овозможуваат граѓаните да бидат запознаени со овие предизвици со кои се соочуваме и заеднички да делуваме кон подобрување на општеството.
Тенденциозноста на пресудата да се замолчат здруженијата и фондациите, кои може да бидат формирани во било која област, да работат на унапредување на системите во општеството е повеќе од очигледна и токму затоа бараме Судскиот совет на РСМ да ја преиспита работата на конкретната судијка и да утврди одговорност за нејзината работа.
Здруженијата и фондациите во Македонија остануваат да бидат едни од основните партнери на институциите во креирање на систем во кој демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат носечки принципи за иднината на ова општество.”