За проектот “Скопје 2014” до сега се објавени стотина текстови од домашни и странски автори кои што од разни аспекти ги опсервираа налудничавите димензии на овој политичко- криминоген зафат. Последен во таа низа беше колумната во “Дојче Веле” на универзитетската професорка Јасна Котеска, во која низ една студиозна и научна постапка го разоткрива грозоморното лице на ова “специфично стилско и финансиско лудило” за кое, како штио вели “во годините што следат, една од ургентните работи на генерациите научници од политикологијата, социологијата, културологијата, ќе биде да ги анализираат причините што доведоа, во десет години владеење на лидерот денес да минуваме низ ова опасно рабно државничко уредување”.
Нема никакво сомнение дека и врз досегашните сознанија многу од тие причини даваат застрашувачки приказ за препреденоста и изопаченоста на грст политички функционери од актуелниот режим, кои што зад параванот на некаква национална и економска преродба, извршија антидемократски преврат, претворувајќи ја државата во нивна приватна сопственост со која владееја неконтролирано и деспотски.
Како што и нема сомнение дека кулминација и сублимат на таквото самоволно владеење претставува мегаломанскиот проект “Скопје 2014” кој што ја одразува “патолошката опсесија на лидерот” низ разградба и прекројка на идентитетските белези на македонската престолнина, да ја овековечи својата болна суета со новокомпонирани културно-историски имитати и разни други архитектонски будалаштини.
Уште од сега едно е непобитно: политичкиот зулум на овој режим, вака или онака со сите болни последици за државата и општеството, ќе можат да се надминат и Македонија повторно да се врати во нормалноста на својот пореметен живот.
Криминалните злосторници да ја добијат заслужената казна и ограбениот имот да се наплати од нивните незаконски стекнати богатства. А, митот за неприкосновениот партиски вожд, реално да се сведе на една несреќна и жална човечка креатура, која што се замислуваше дека има месијанска улога во преродбата на државата.
Но, како ќе се справиме со симболот на Големото Зло, што како длабок рез од кама го има унакажано лицето на Скопје? Грди лузни кои што и по падот на оваа власт ќе сведочат за лудилото што груевизмот ќе го остави зад себе, како наследство за многу идни генерации. Ќе можат ли сите тие научни анализи што ќе ги проучуваат причините за неговиот настанок и децениски опстанок, да најдат одговор и за културниот и архитектонски вандализам извршен врз нашиот главен град? Како тој милениумски срам во македонската историја ќе биде избришан од нашата колективна меморија?
Многумина експерти од оваа сфера, немоќно слегнуваат со рамениците во барањето на таков одговор: Скопје имаше судбина да доживее повеќе катастрофални земјотреси, излечени со текот на времето но, никогаш не бил соочен со вакви ужасни последици предизвикани од градбените амбиции на еден политички шарлатан.
Поектот досега достигна околу 650 милиони евра, од кои добар дел се употребени во криминални цели, поради што има тенденции да продолжи и понатаму да се доградува. Самиот тој факт зборува, дека и покрај бурните реакции на јавноста, неговите идејни творци и нарачатели, дејствуваат по добро разработен план, свесни дека и по цена на политичка и кривична одговорност, ниту една друга власт не ќе може да ги поништи неговите трајни партиски пораки: монумент на груевистичкото владеење и на неговата тоталитаристичка идеологија. Нешто многу пострашно од мавзолејските градби на разни диктатори низ историјата.
Осудено во иднина да живее со тие лузни на своето лице, Скопје има единствен начин да се одмазди за нанесените рани: да изгради џуџест паметник на Никола Груевски веднаш до споменикот на Александар Велики, со посвета дека мечтаел да биде славен како него, а завршил како ситен политички шпекулант кој вносно тргувал со страдањата и несреќите на својот народ и на својата држава!