Грковска: Надлежните органи добиваат конкретни насоки за успешна конфискација на имот

Сподели

 

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска организираше презентација на Насоките за конфискација и одземање на имот, документ кој беше подготвен со поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, во соработка со надлежните институции.

„Овој документ е наменет за јавни обвинители и истражителите од МВР, Царинската управа и Финансиската управа, а еден сегмент се однесува и на управување со одземениот имот и меѓународната соработка. Насоките ќе им обезбедат на истражителите и обвинителите преглед на чекорите што треба да ги преземат во најраната можна фаза од текот на истрагата при собирањето докази за имотот и обезбедувањето на имотот, со цел да се изврши успешна конфискација“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Оваа активност, додаде таа, е дел од Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот со Акциски план 2021-2023 година, чија имплементација ја координира Кабинетот за политики за добро владеење, преку Националната комисија задолжена за следење на имплементацијата на Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот со Акциски план 2021-2023 година.

„За да се стигне до тоа ниво на успешна конфискација, криминалистичките и финансиските истраги менторирани од јавен обвинител немаат простор за грешки. И затоа, неопходно е  истражните органи да воспостават ефективен систем за размена на финансиски и други информации во текот на целиот циклус на детектирање и одземање на имотот. Тој проток на информации мора да биде координиран и во согласност со постоечките домашни закони, политики и процедури“, додаде Грковска.  

Таа истакна дека во наредниот период ќе се зајакне механизмот за конфискација на нелегално стекнат имот и преку законското решение за конфискација на имот во граѓанска постапка. „Нацртот е веќе даден на мислење во Европската комисија, затоа што сакаме да биде целосно усогласен со европските стандарди, а потоа ќе биде предмет на широка јавна дебата, за да воведеме законско решение кое ќе биде ефикасно применливо во пракса“.

Вицепремиерката се осврна и на неопходноста од зајакнување на меѓуинституционалната соработка, која во наредниот период ќе се одвива преку Меѓуресорското координативно тело за институциите надлежни за справување на корупцијата.

Во подготовката на Насоките за конфискација и одземање на имот учествуваа претставници од Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција, Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот. Документот е изработен во рамки на проектот „Од нелегални финансиски текови до поврат на имот“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, а е финансиски поддржан од  Владата на Обединетото Кралство.