Груевски на погрешна адреса побарал да му биде симнат имунитетот!?

Сподели

Груевски наводно доставил барање за симнување на имунитетот до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања. Собранискиот спикер вели- според процедурата, такво барање се доставува до претседателот на парламентот.

Со барање адресирано до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, побарал да му биде симнат пратеничкиот имунитет, неофицијално дознава Дојче веле. Барањето следи по обвиненијата што ги поденесе Специјалното јавно обвинителство, од кои Груевски е осомничен во четири: „Титаник“ (за изборни измами), „ТНТ“ (за уривањето на „Космос“), „Тенк“ (за набавка на „мерцедес“) и “Траекторија“ (за изградба на автопат). Во експертската јавност ваквото барање на Груевски се толкува како негов обид да избегне расправа во Комисијата и на пленарна седница за обвиненијата подигнати против него.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утрово за Дојче веле изјави дека нема информација дали такво барање од пратеникот Груевски е доставено до собраниската Комисија.

„Ако такво барање навистина е доставено до Комсијата, тогаш процедурата е згрешена. Тоа се доставува до претседателот на Собранието, кој потоа го доставува до пратениците, што воедно значи и налог надлежната Комисија да расправа за него. Таква е процедурата. До овој момент јас немам добиено такво барање од пратеникот Никола Груевски“, изјави утрово претседателот на парламентот, Талат Џафери.

Но, не е исклучено дека тоа барање може да стигне во текот на денот, а според правни експерти, процедурата преку Собранието не е единствен начин да се симне нечиј пратенички имунитет, бидејќи осомниченото лице и пред надлежен орган усно може да се изјасни дека во постапката нема да се повикува на имунитетот, односно дека се откажува од него.

Три капитални истраги

Вниманието на целата јавност од вчера е насочено кон Кривичниот суд, каде за одредени предмети се уште течат рокови за одговор на барањата на Специјалното јавно обвинителство, откако оваа институција поднесе 17 обвиненија за 94 осомничени, од кои за дел побара мерки притвор, а за дел мерки на претпазливост. Синоќа, на два часа пред истекот на крајниот законски рок за подигање обвиненија (30 јуни), околу 21 часот и 30 минути СЈО во Кривичниот суд Скопје ги предаде доказите за предметите „Титаник“, „Таргет“ и „Тврдина“, кои како што соопшти судот, електронски веќе се распоредени на оценка кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски. Со оглед дека во двата предмета до судот се доставени и предлози за определување мерки за обезбедување присуство, предметите се доделени во работа на Кривичните совети, кои треба да одлучат за барањата.

Текатот во целост прочитајте го тука

DW