„Гумено време“– самостојна изложба на Ана Ивановска

Сподели

 

Во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 15 септември (петок) во 19:00 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Гумено време“ од Ана Ивановска.

Од НУ Центар за култура – Штип информираат дека проектот „Гумено време“, која е 19. самостојна изложба на Ивановска, претставува одраз на едно истражување прикажано низ серија дела на тема „Глобалната пандемија и реакција на моменталните тенденции и случувања во светот со војната“, кои несомнено оставаат трага врз секојдневието на луѓето.

− Во ова денешно време деновите се растегливи како гума.
Делата овозможуваат блиска интеракција со набљудувачот, непосредно влијание врз неговите чувства преку визуелното восприемање каде што фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата.
Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите кои содржат повторувачки елементи на маски и ракавици кои формираат вистинска решетка, зад која се наоѓа уста која останува „Без здив“. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности − појасуваат од НУ Центар за култура – Штип.