РЕАКЦИЈА НА ИНСТИТУТОТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА
Институтот за национална историја претставува најстара научна установа во македонската држава, чијашто дејност е приоритетно фокусирана на научното проучување на историските процеси од минатото на македонскиот народ и нација, на етничките заедници, како и на релациите со соседните балкански народи и држави. Во многубројната научна продукција на Институтот се анализираат и балканските политики во однос на македонското прашање и македонизмот, чиишто рефлексии можат да се согледаат и во актуелните состојби.
Во согласност со својата потврдена професионалност и научна релевантност во историските истражувања, Институтот не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација. Евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на „историски вистини“ од други национални историографии.
Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи.
Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот. Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на било какви политички влијанија! – пишува во реакцијата на Институтот за национална историја.
denesmagazin.mk