ИНТЕРВЈУ: НИКОЛА РИСТЕВСКИ – Почитувајте си ја земјата и народот и грижете се едни за други

Сподели

М-р Никола Ристевски е писател, истражувач, публицист, продуцент и промотор на природните ресурси и културното наследство на Овчеполието и Македонија.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Во јавноста сте познати како човекот кој сите го бараат кога им требаат информации за Овчеполската Котлина и Свети Николе. По професија сте економист, што Ве инспирираше да го истражувате родниот крај?

НИКОЛА РИСТEВСКИ: Имав прилика да растам со дедовци кои ми оставија огромно семејно наследство – многу книги, списанија и нивни авторски текстови за мојот роден град Свети Николе и целото Овчеполие. Ме научија да читам и пишувам на 4 годишна возраст, и уште од многу мал ме носеа на убави места низ нашиот роден крај. Основното и средното образование ги завршив во Свети Николе, по што во 2007 дипломирав на најстариот економски универзитет на Балканот – „Икономически университет – Варна“.
Кога пред 12 години се вратив од студии и работа во странство, почнав активно да ги истражувам не само минатото, туку и сегашноста и потенцијалот за во иднина со кој располага Овче Поле.
Од 2011 почнав да објавувам колумни, текстови, извадоци од книги и да се појавувам во медиуми. Од тогаш наваму успеав да ги претставам и прикажам природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал на Овчеполието не само пред домашната, туку и пред светската јавност.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Oд Вашите поранешни интервјуа може да се слушне и прочита дека сте член на меѓународна научна организација и надворешен соработник на универзитет од Македонија.
Кажете ни нешто повеќе за тоа?

НИКОЛА РИСТEВСКИ: Од 2014 година сум редовен член на меѓународната научна организација SB Research Group, која се занимава со архео-акустика и проучување на влијанието на древните свети места врз човечкиот мозок. По остварените неинвазивни мерења на геоглифот и други локации во Овче Поле, објавивме три научни трудови за нашите проучувања на геоглифот, а за нашата работа пишуваше дури и Graham Hancock.
Во 2016 добив стипендија од Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, каде што магистрирав на маркетинг менаџмент со теза која за прв пат го обработува потенцијалот за туризам во Овче Поле и можните начини за управување и маркетинг.
Тезата „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“ стана основа за сите понатамошни стратегии за туризмот во овие краишта.
Од тогаш па наваму, работам и како надворешен соработник за универзитетот како преведувач на книги и учебници по економија за потребите на Универзитетот и Институтот за култура и уметност.

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Кажете ни нешто повеќе за вашите книги, што сè имате објавено до сега?

НИКОЛА РИСТEВСКИ: Најпрвин започнав со објавување на бесплатни електронски изданија – дигитални книги.Во таков формат на интернет беа пуштени за бесплатно читање и превземање збирката со проза и поезија на македонски јазик „Ѕе гледа сè“ и збирката со поезија на англиски јазик „Luminous Neutrino”. Од празникот на Свети Никола во 2016 до денес успеав да ги објавам следните печатени изданија: Имагинариум (2016), Зборник за Овче Поле – книга прва (2017), Зборник за Овче Поле – книга втора (2017), Зборник за Кратово – книга прва (2018), Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина (2018), За Овчеполските работи (2018), Зборник за Овче Поле – книга трета(2020), Овчеполски приказни (2020), Зборник за Овче Поле – книга четврта (2020), Зборник за Свети Николе (2020), Свети-Николе главно е поселение Овчепольско й котловины (2021), Зборник за Овче Поле – книга петта (2021).

ДЕНЕС МАГАЗИН: Во изминатите години работите и на создавање на видео записи, како започнавте со продукција?

НИКОЛА РИСТEВСКИ: Откако во 2016 година со Дуле Јанев од Свети Николе успеавме да снимиме кадри кои две години подоцна стигнаа до History Channel во епизода од Ancient Aliens, решивме дека треба да го претставиме нашето знаење и преку промотивни видеа и документарни филмови. На крајот на 2019 ја формирав Продукција „Аристон“ која работи на видео продукција со цел промовирање на природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал на овие краишта. Со помош на соработници, спонзори и пријатели успеавме да ги продуцираме кратките документарни филмови: Овчеполско оро (2020), Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина (2020), Градиштето кај селото Кнежје – археолошки локалитет Билазора (2021), Ѓуриште (2021), Овчеполскиот геоглиф (2021) , Овче Поле (2021). Видеата ги работи Дуле Јанев, на звукот работи Боро Стојановски, а сценаријата и продукцијата ги правам јас.
Техничка поддршка и нарација добиваме од наши соработници и пријатели. Споменатите видеа се само мал дел од материјалот кој успеавме да го снимиме во изминатите години, во овој период работиме на неколку долгометражни документарни филмови со цел да ја претставиме нашата волшебна Македонија пред целиот свет.

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Во изминатата седмица можевме да Ве видиме заедно со тимот на Семир Османагиќ од Босна и Херцеговина. Што успеавте да снимите?

НИКОЛА РИСТEВСКИ: Ме интересираше работата на Османагиќ и неговата најава за енергетски мерења во Македонија и затоа стапивме во контакт, по што се запознавме и му ги покажавме неколку од важните локации во мојот роден крај Овче Поле – Геоглифот и Бела Зора.
Освен тоа, заедно ги посетивме Кокино, Цоцев Камен и Куклица. Успеавме да снимиме фантастични кадри кои веќе се во процес на монтажа и наскоро ќе може да ги гледате на интернет страницата nikola.ovcepole.mk и на YouTube каналот на Продукција Аристон. Благодарам на сите кои не придружуваа на овие локации и се надевам дека сеќавањата од посетата на античкиот град кај Кнежје и големиот геоглиф ќе им помогнат за спознавање на она што навистина го чува Македонија – древното знаење од нашите предци кое може да ни помогне за стабилна сегашност и мирна иднина.
Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите кои во изминатата деценија ја поддржуваат мојата работа, но и за повик до сите физички и правни лица од Македонија и дијаспората кои можат да ја поддржат Продукција Аристон за проектите кои се во тек.
Почитувајте си ја земјата и народот и грижете се едни за други.

denesmagazin.mk