Исчезна Сашо Мијалков пред изрекувањето на пресудата

Сподели

 

На барање на обвинителството Кривичниот суд издаде решение за куќен притвор за Сашо Мијалков. Полицијата од вчера попладне го бара Мијалков во неговиот стан во Капиштец, куќата на Водно и во хотелот „Мериот“. Мијалков последен пат бил виден околу 14 часот во кафулето „Дистрикт“, во близина на хотелот „Мериот“.

По завршните зборови и на одбраната и на обвинителството, за 26 февруари закажано е изрекување на пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети 12 лица, а Мијалков е првообвинет. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.

„Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи го предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“, рече на минатонеделното рочиште обвинителката Ленче Ристоска.

Мијалков на рочиштето на 19 февруари рече дека нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година не го правеле службите во УБК.  Тој тврдеше дека не е вмешан во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Според него, во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК. 

Засега нема официјална информација и изјава од МВР.