„Да се потсетиме што значи Водно за нашиот град. Да го наполниме со луѓе, задоволство и радост. Водно не’ чува нас, да го сочуваме и ние“, стои во повикот за саботното искачување на Водно, со цел да се мобилизираат и анимираат граѓаните за важноста за сочувувањето на скопската планина, која е климатски регулатор и заштитник на главниот град од загадување, порои и ерозии.
Искачувањето под мотото „Го сакам Водно“ започнува од 9 часот кај ОУ „Кочо Рацин“, а следни собирни точки – позиции се 10 часот на Средно и 12 часот на врвот на Водно. На овие точки граѓаните ќе можат да се приклучат кон групите заедно со водачите.
„Оние кои не се во можност да бидат дел од пешадиската или велосипедска група – ги чекаме на Врв“, стои во повикот за искачувањето, чии организатори се О2 Коалиција за чист воздух, I love hiking – group Macedonia, Мтб Оксижен и Спас за Водно.
Инаку, периодов десетина граѓански иницијативи се здружија и активираат за спас на Водно. Загрижени се од континуираното уништување и деградирање на Парк-шумата, па меѓу другото побараа итно вклучување на активистите во работната група за гасоводната делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар, која е предвиена да минува по сртот на планината.
Исто така, побараа утврдување на границите на Парк-шумата, нивно јасно обележување на терен, но и неодложно усогласување на статусот на заштита на Парк-шума Водно со тековниот Закон за заштита на природата.
„Во изминативе години, Водно е нападнато со засилена урбанизација како од насока на градот, така и со неколкуте непотребни градежни проекти каков што е патот за Сончев град и телекомуникациската кула. Сведоци сме на континуирана злоупотреба на заштитената зона и непочитување на дефинираните граници на Парк-шума Водно, а гасоводот како проект низ сртот на Водно само ја прели чашата бидејќи претставува уште еден сериозен удар врз опстанокот на Парк- шумата Водно како оаза на зеленило и чист воздух. Со сите овие проекти се зголемува потребата од дополнителна патна и пристапна инфраструктура, како и протокот на сообраќај, што негативно се одразува на целиот жив свет“, соопштија меѓу другото иницијативите кога го поднесоа барањето до владините институции.