Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот врз сопственикот нa порталот “Буре весник” Зоран Божиновски.
Според објавите во медиумите, нападот се случил вчера вечер во Битола, пред неговата куќа и нанесени му се тешки телесни повреди од страна на две маскирани лица. Случајот е веќе пријавен во полиција.
Го осудуваме секој облик на физичко насилство и потенцираме дека физичкиот напад претставува кривично дело.
Апелираме МВР и ОЈО, итно да ги истражат и процесираат ваквите напади со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина.