Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Берн, Швајцарска Конфедерација, ја посети и Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн, при што оствари работна средба со амбасадорот Кенан Рамадани и министерот советник во амбасадата Мелехат Муфтаровска.
Од страна на амбасадорот Рамадани, министерот Спасовски беше информиран дека во изминатиот период само во Берн се издадени вкупно 2.445 патни исправи преку заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва.
Министерот Спасовски истакна дека од самиот почеток на проектот заклучно до денес преку дипломатско-конзуларните претставништва вкупно се издадени 17.650 патни исправи на наши граѓани во странство, што претставува сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните, односно сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколку месечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот.
Амбасадорот Рамадани упати благодарност поради слухот што оваа Влада и министерот Спасовски го имаат за потребите на Македонците во дијаспората и му презентираше дел од предлозите и предизвиците со кои се соочуваат нашите исселеници. Од страна на министерот Спасовски, амбасадорот Рамадани доби уверување дека целта на ваквите средби со наши исселеници, како што беше и вчерашната во Тринген, е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.