Изложба со наслов „Омаж на жените во модата“, понеделник, 27 јуни 2022 година, од 19:00 часот. Локација: Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Скопје.
Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ ја продолжува традицијата на подготовка и реализирање на годишни изложби. И оваа година ќе бидат презентирани креации изработени од студентите и наставниците на овој институт.
Изложбата со наслов „Омаж на жените во модата“ (француски:“Hommage aux femmes dans la mode“) е посветена на жените дизајнерки, почнувајќи од првите модни авторки, кои беа активни и ги изградија основите на модата на почетокот на дваесеттиот век, до современите дизајнерки, кои сè уште се присутни и активни на модната сцена.
Модниот свет им должи многу на жените. Тој се развивал околу жената, која за креаторите отсекогаш била инспирација и се претворала во уметничко дело, покривајќи ја со свила, кадифе и тантела.
Во модниот свет жената отсекогаш била издигната на највисокиот пиедестал, но повеќе била присутна во улогата на муза отколку во улогата на моден дизајнер.
Ова не значи дека не постоеле жени креаторки. Жените оставија неизбришлива трага и доминираа во областа на модата во првата половина на дваесеттиот век.
Жан Пакен е името на една од првите дизајнерки, која ја отвори својата модна куќа во 1891 година. Коко Шанел, една од иконите и револуционерните имиња во светот на модата, ги создаде првите минималистички и функционални модни комбинации, кои станаа архетип на женската елеганција и останаа засекогаш присутни на модните писти.
Овде треба да се споменат и други важни имиња на овој златен период на модата, како што се: Мадлен Вионе, позната како кралица на дијагоналното сечење; Елза Скјапарели, моден надреалист; Жан Ланвен; Клер Мек Кардел и Бони Кашин, американски модни пионерки; Мадам Гре и други.
Меѓу значајните творци активни во втората половина на дваесеттиот век се: Мери Квант, креаторката на мини здолништето; Џил Сандер и нејзината минималистичка мода; Соња Рикел, позната по плетените креации и Дона Каран, која создава модерна облека за модерни жени. Вивиен Вествуд, кралицата на панкот, направи револуција во модниот свет, додека Реи Кавакубо ги создаде облеките кои го отворија патот за деконструкција во светот на модата.
Треба да се спомене и Миуча Прада, чија креативност датира од последните децении на дваесеттиот век, а продолжува да биде присутна и ден денеска. Некои од најважните современи модни куќи, како што се: Диор, Шанел, Александар Мек Квин и Версаче, се потпираат на креативноста на дизајнерките: Марија Грација Кјури, Виржини Виар, Сара Бартон и Донатела Версаче. Од друга страна, современите дизајнерки како Стела Мек Картни, Изабел Маран, Ирис ван Херпен и други, создадоа лични брендови кои ги претставуваат нивните естетски идентитети.
Креативноста на горенаведените имиња и сите други креаторки кои биле и се важен дел од модата се лајтмотив на изложбата во која ќе ја видиме модерната реинтерпретација на нивните дизајни, идеи и концепти од страна на учесниците.
Оваа изложба е посветена на придонесот на жената во модата и претставува обид да се види модниот свет од нејзината перспектива.