Изложба „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ – Јован Шурбаноски

Сподели

 

Низ историјата, секоја култура и заедница имала свои симболи и претстави на култот за плодноста.
 
Изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ , чиј автор е Јован Шурбаноски, ги претставува различните облици на археолошкото и етнолошко македонско културно наследство од праисторијата па сѐ до денес, кои содржат елементи на телесноста, сексуалноста и плодноста.
 
 
 
 
Главен фокус на оваа изложба се култовите на плодноста, обредите, обичаите и верувањата. 
 
Предисториските култови на плодноста се претставени преку бројни наоди на глинени фигурини и зооморфни жртвени олтари од Македонија, за кои се претпоставува дека биле користени при ритуали за плодност.
 
 
 
 
Првите докази за овој култ достигаат дури до фигурини на Палеолитската Венера и фигурини на жени и антропоморфни олтари од неолитот и енеолитот.
 
За орнамениката на традицоналната женска облека на Македонската жена во 19 и 20-от век, може исто така да се каже дека е подоцнежна форма на предисториската женска облека.
 
 
 
 
Во текот на антиката, сексуалноста била испреплетена во секојдневието на луѓето, претставена преку еротски сцени и мотиви кои се појавуваат на обичните секојдневни употребни предмети како светилки и садови.
 
Еротските мотиви со векови биле пренесувани преку традиционалните усни форми. Оттука избраните песни, приказни, загатки и поговорки се само дел од еротскиот фолклор кои биле практикувани во минатото, но сè уште активно се создаваат и пренесуваат  до денес.
 
 
 
 
Исто така, ритуалите со маски кои го слават крајот на зимата и  заживувањето на природата опфаќаат симболички ритуали кои треба да ја зачуваат плодноста на луѓето, добитокот и посевите. Во Македонија, ритуалите со маски се изведувале во преодни периоди, на крајот на старата и почетокот на новата година или сезона.
 
 
 
 
Важен дел се и свадбените церемонии, народните песни, изреки и гатанки како магии кои ја зголемуваат плодноста на човекот, но служеле и како неформално сексуално образование.