Во интервју за „Јуропиан Вестерн Балканс“, полковникот Зоран Јанкович, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, порачува дека Северноатлантската алијанса, како фактор кој создава стабилност и ја зајакнува безбедноста и надвор од својата територија, ќе даде силна поддршка на Северна Македонија за нејзино целосно интегрирање во овој сојуз.
Целосното приклучување на земјата во годината кога се одбележуваат 70 години од формирањето на НАТО е посебно важен настан, потенцира словенечкиот полковник.
– Западен Балкан е регион од стратегиско значење за Алијансата, што се гледа од долгата историја на соработка и оперативно вклучување. Затоа поканата во јули 2018 и потпишувањето на Протоколот за пристапување во НАТО на Република Северна Македонија во февруари 2019 се важни исчекори што сакаме да ги прославиме во текот на годинашното одбележување на 70-годишнината на НАТО, посебно во првата седмица од април. Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје заедно со властите и Контакт-амбасадата на НАТО ќе организира неколку важни јавни настани со кои ќе ја приближи Алијансата до граѓаните на Северна Македонија – вели Јанкович.
Прашан како ја оценува сегашната соработка меѓу Северна Македонија и НАТО на политичко и техничко ниво, како и каков развој на тој план очекува во иднина, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, нагласува дека земјава соработува со Северноатлантската алијанса низа години наназад.
– Како земја-партнер, покажа дека е важен обезбедувач на сигурност преку своите придонеси и поддршка за операциите и мисиите на НАТО во Авганистан и Косово. Исто така, активното учество во иницијативите од партнерството на НАТО и овозможија на Северна Македонија да изгради интероперабилност со НАТО силите, да ги засили своите одбранбени способности и да изгради силни и витални институции. По потпишувањето на Протоколот за пристапување во февруари годинава, Северна Македонија е во процес на подготовки за полноправно членство во Алијансата. Како земја со покана за членство, Северна Македонија учествува во активностите и средбите на Алијансата, како онаа на министрите за надворешни работи што се одржува во Вашингтон оваа седмица. Во текот на оваа фаза соработуваме присно со Северна Македонија на неопходните реформи за земјата да се подготви за поноправно члество. Тоа се однесува на реформи во одбраната, безбедноста и владеењето на правото – вели Јанкович.
За најголемите безбедносни ризици и предизвици во Северна Македонија и во Западен Балкан, Јанкович вели дека Преспанскиот договор е важен пример за значењето на дијалогот и дипломатијата.
– Во исто време, се соочуваме со опсежни предизвици и закани и од држави и од други чинители, како и од терористички, кибер и хибридни напади. Модерните закани за безбедноста ги надминуваат националните граници и изискуваат поголема соработка за спраување со нив. НАТО ќе продолжи да се бори за мир, безбедност и стабилност на целата Евро-атлантска зона а Алијансата ќе остане тло за силна колективна одбрана и суштински трансатлантски форуми за безбедносни консултации и одлуки меѓу сојузниците. Како членка на НАТО, Северна Македонија ќе се придружи на останатите 29 членки во дискусиите и донесувањето одлуки што влијаат на нашата колективна безбедност. Северна Македонија ќе има рамноправен глас во одлуките на НАТО – вели Јанкович.
Прашан за мешање на Русија, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, тој вели дека секоја земја има право да донесува свои политички и безбедносни одлуки и мешањето од надвор во националните демократски процеси е неприфатливо.
– Сега гледаме дезинформациски кампањи и напори да се поткопаат владините институции и домашните политички процеси. Сојузниците ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија – порачува Јанкович.