До
г-н Зоран Заев,
Претседател на Владата на Република Северна Македонија
Ние, долупотпишаните граѓански организации, тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика, Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со Деталните урбанистички планови (ДУП-ови) во Скопје.
Еден од многуте, но само последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц08 Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел „Холидеј ин“), парцела за која Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе истражува дали окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација е незаконско и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници. Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира.
ДУП-от: Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“) за плански период 2012-2017 г., донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година беше ставен под т.н. „мораториум“. Изработката на новиот ДУП за Градска четврт Ц08 Ново Маало 2 (ново именување) ја доби повторно истата приватна фирма која го изработила претходниот спорен план во 2012 година, а сега со цена од само еден (1) денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа според чии интереси таа ќе постапува. Фирмата го одолговлекуваше процесот во период од две години и не постапуваше по забелешките на Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот Богдановиќ, со што ја спречи Општината да донесе коригиран план пред одлуката на Уставниот суд. Општина Центар го раскина договорот, но предоцна. Отскоро стапи на сила стариот спорен план, што веројатно беше и идејата на планерот.
Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 започна заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Но за жал, програмата беше прекината и треба да стартува одново и според новиот Закон за урбанистичко планирање, Планерите мора да ги испочитуваат тие насоки. Потсетуваме дека Деталниот урбанистички план – Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“) за плански период 2012- 2017 беше ставен под т.н. „мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП.
Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Државната комисија за спречување на корупцијата отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар. Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини.
Затоа бараме:
- Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на ДУП ЦО8, како и сите други ДУП-ови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје и за граѓаните.
- Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.
Дополнително, Ве повикуваме за поддршка на барањето за законито работење и на други институции и органи и тоа:
- Инспекторатите за урбанизам и за градежништво;
- Државниот правобранител кој по функција треба да го штити државниот имот;
- сите оние кои досега ги одобрувале плановите спротивно на ГУП-от и интересот на граѓаните.
Во исто време бараме да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања. Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект „Скопје 2014“, кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-овите.
Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.
Во сите претходни плански документации (почнувајќи од планот на Кензо Танге) оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење.
Бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Очекуваме институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори. Во спротивно ќе побараме политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.
АРГУМЕНТИ КОН ЈАВНИОТ ПОВИК
- ДУП-от што е под „мораториум“ не е усогласен со законот од повисок ранг, т.е. Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје донесен на 04.12.2012 г. а со важност до 2022 г. и дополнително прекршува низа правилници и закони.
- Најгустите делови во најгустите градови на светот имаат густина од максимум 120.000 жители/км2. Четвртта Ц 08 би имала двојна густина и нехумана пренаселеност.
- Потребното паркирање за станбените и комерцијални површини предвидени во спорниот ДУП го надминува капацитетот на просторот за 3.5 пати. При паркирањето е во две подземни нивоа, а сите возила треба да влезат преку улицата „Мирче Ацев“ и тоа само преку еден влез кој истовремено е и главниот влез во јавниот простор.
- Планот со 100-процентна изграденост на парцелите при дозволени максимум 70% за парцели во кои има домување, не е во согласност со Законот за урбано зеленило кој побарува барем 20 % озеленување во парцелата.
- Новиот план за овој ДУП не само што треба да ја напушти максималната изградба како основна вредност и да ги усогласи нумеричките параметри за изграденост и број на жители со ГУП-от, туку мора да биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности.
- Дури и најавената површина од 88-89 илјади м2 (иако помала од предвидената со ДУП) за идејниот проект за парцела 1.1. (според изјавите на градоначалникот Саша Богдановиќ) во себе ќе акумулира најголем дел од дозволените 1.250 жители со ГУП. Ако целосно се искористи за домување таа би одговарала на 2.738 жители (стандард 32.5 м2/жител) и двојно би го надминала ГУП-от, а ако половина се искористи за домување, а половина за деловни и трговски дејности, само една парцела целосно би го акумулирала домувањето дозволено за целата четврт. Имајќи предвид дека изградбата на парцела 1.1. е целосно на територијата на паркингот, таа би привлекла нови жители, а жителите на Ново Маало (во остатокот од четвртта) би останале извисени. Ова од причина ако оваа парцела го исполни ограничувањето за жители на ГУП, на парцелите 1.2. и 1.3. ќе може да се реализираат само деловни и трговски намени според член 38 од ГУП 2012-2022. Со тоа, тие се ставени во многу незавидна положба и начелата за рамноправен третман на граѓаните се нарушени, a новите жители ќe имаат поголеми права на домување од староседелците.
- Иако планот го зголемува бројот на жителите, тој не нуди никакви јавни функции за нив (градинки, училишта, култура, јавни простори).
Очекуваме создавање на квалитетен јавен простор отворен кон реката, нов зелен републички плоштад кој со пешачкиот мост ќе се поврзе со платото пред црквата „Пресвета Богородица“, плоштад обиколен со добро пропорционирани објекти, како белег на 21-иот век, бидејќи плоштадот “Македонија“ беше претворен во белег на 19-ти век.
Ако Скопје расте во висина и широчина, дотолку повеќе му требаат повеќе јавни отворени простори. Актуелната пандемија уште повеќе го покажа тој недостаток.
Веруваме дека сите повикани ќе се изјаснат во најкус рок и дека со вашата јавна поддршка на нашите барања ќе поттикнете пошироко граѓанско учество во креирањето политики и континуиран дијалог за поквалитетно живеење. Да покажеме дека спроведуваме барања и прифаќаме вредности кои се на европската агенда за законитост и за почитување на правото, за функционални институции и за борба против корупцијата. Декларацијата на EUROCITIES за граѓанско учество наведува дека токму ова е предуслов во партиципативната демократија која треба да ги инспирира сите нивоа на власта.
Новиот план за овој ДУП мора да ја напушти максималната изградба како основен приоритет и мора да биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности. Планот мора да води сметка за јавниот интерес, а со тоа и на заштита на животот и здравјето на граѓаните, психичкото здравје, социјализација, наместо осаменост. Со зелен простор ќе се помогне во справувањето со последиците од загадувањето, бучавата, топлотните острови и неотпорноста кон климатските промени кои изградбата на „Скопје 2014“ се случија во центарот на градот. Иако и Градот и државата имаат стратегии и документи со кои овие прашања се третираат, нивното неспроведување ги остава граѓаните да живеат во небезбедна и нездрава средина.
Планот мора да покаже почит кон околното градителско наследство: концептот на „Градски ѕид“ и потковицата која ја оформува по текот на „Голем ринг“, комплексот банки, „Градскиот трговски центар“, „Домот на синдикатите“ – објекти кои се бисери на модерната во Скопје. Овој простор не функционира како засебен остров. Планот мора да ја почитува и воспоставената пешачка оска од „Транспортниот центар“ до „Градскиот трговски центар“ и да ѝ даде нова артикулација.
Планот треба да се базира на принципите на градови за луѓе, да предвиди живи јавни простори, широки пешачки патеки, широки велосипедски патеки, убави големи дрвореди. По текот на пешачките оски планот треба да понуди јавни простори и соодветни јавни содржини кои му недостасуваат на градот. Планот не смее да создаде дополнителни сообраќајни проблеми и точки на застој на автомобилскиот сообраќај. Треба да даде примат на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, на трамвајската траса (или по неодамна одобрениот проект од Владата и од Градот Скопје – BUS RAPID TRANSPORT – BRT/БРТ), а влезовите и излезите за автомобили соодветно да ги испланира со што ќе се овозможат повеќе пристапи.
Двете градски линии на БРТ се вкрстуваат токму покрај оваа четврт. Планирањето на масовни системи за превоз мора да оди заедно со планирање на соодветен јавен простор којшто ќе акумулира луѓе, поради потребите за заштита и спасување, но и поради пријатноста во користење на јавниот простор. Со постоечкиот ДУП од 2012 г. оваа локација целосно ќе се заѕида и тоа не е во прилог на успех на проектот за БРТ. Внатрешноста на блокот мора да биде лесно достапна за граѓаните преку пешачки патеки, продори, пасажи, а не да биде обиколена со целосно затворени и контролирани огромни објекти и да има третман на внатрешен двор. Таа треба да биде новиот „Републички плоштад“ отворен кон Вардар со којшто сите ќе се гордееме.
Ако претходната власт остави белег со „Скопје 2014“ и “барокниот“ третман на плоштадот „Македонија“, оваа власт треба да создаде нов зелен „Републички плоштад“, белег на 21-иот век, а не тешко достапен внатрешен двор на трговски центри затворен кон реката Вардар. Оваа шанса за нов Републички плоштад во Скопје не смееме да ја испуштиме.
Потписници
- Здравје пред профит во Центар
- Институт за комуникациски студии (ИКС)
- Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- О2 ИНИЦИЈАТИВА
- Зелен Институт Скопје
- Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје
- ЕКО ЛОГИК – Скопје
- Го сакам Водно
- Фронт 21/42
- Национален Ромски Центар
- „Порта 3“, списание за архитектура, градежништво и екологија
- Water4changes-Global Shapers Skopje Hub
- Еко Живот
- Движење на екологисти на Македонија
- Центар за правни истражувања и анализи
- Проф. д-р Дивна Пенчиќ, Архитектонски факултет, УКИМ
- Проф. д-р Кирил Сотировски, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), УКИМ
- Даница Павловска – Циги, дипл.инж. архитект
- Проф. д-р Рената Ќуштеревска, Институт за биологија, ПМФ УКИМ
- Проф. д-р Иван Блинков
- Невена Георгиевска, дипл. инж. aрхитект
- Доц. д-р Златко Илијовски, дипл. инж. геолог
- Асс. д-р Благоја Бајковски, Архитектонски факултет, УКИМ
- Арт Поинт – Гумно
- Центар за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
- Коалиција за оддржлив развој КОР Скопје
- Во одбрана на Буњаковец
- Центар за истражување и креирање политики