Јавен повик за финансирање за земјоделски производители на храна од животинско и неживотинско потекло

Сподели

 

Денеска на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавени се два јавни повици за финансиска поддршка на земјоделски производители на храна:  Повик за финансиска поддршка на производители на храна од животинско потекло и Повик за финансиска подршка на производители на храна од неживотинско потекло.

Предмет на овие јавни повици е реализација на средствата утврдени согласно Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 282/22), раздел 14001 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, програма 3 – Земјоделство и рурален развој, потпрограма 34 – Рурален развој, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации во износ од 17.500.000 денари кои ќе се користат за доделување на неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема, основни средства и услуги кои имаат за цел: остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна од животинско и неживотинско потекло.

Право на учество на јавните повици имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско, односно неживотинско потекло, согласно Правилниците за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло односно неживотинско потекло, наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики за храна од животинско или неживотинско потекл во Агенцијата за храна и ветерина.

Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е 25 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно заклучно со 02. април 2023 година. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000,00 денари по корисник без вклучен ДДВ за следните намени:

  • трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) во висина до 90% и/или
  • трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна) во висина до 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.

Финансиската поддршка согласно Програмата за финансирање на земјоделски производители на храна за 2023 година, се остварува со поднесување на Барање до Министерството за неповратна финансиска поддршка. Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот. Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно Програмата.

Барањето заедно со документите се доставува во затворен плик преку пошта на адреса: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. Аминта трети број 2, 1000 Скопје или со предавање во архивата на министерството секој работен ден 9.00 до 15.00 часот.
Сите детални информации како и документи за превземање за двата повици достапни се на следниве линкови:

https://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2906

https://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2905