Алтернатива Скопје Чита

Јoсип Кoцев – На изгрејсонце

Сподели:

12187792_1611023662493453_4507339959619113865_n

На изгрејсонце

Намини штом руменило го обои сводот,
влези на прсти, со ветрови скриени под облеката, 
донеси ја кожата од лебедово перје помека 
и сеќавањата во мрамор скаменети од незаборав. 
Остави телата да ни се допираат, 
со очи заковани во полусон, 
ти не кажувај, и јас, ветувам ќе молчам, 
со кого во мисли се галиме.
Дојди со својата невиделина 
што трае веќе години, 
мисли си дека силум ми ги грабаш 
сите бесценети камења и ѕвезди, 
а јас ќе верувам дека дарум ти ги давам, 
оти на тебе појарко ќе сјаат, 
оти ми е жал што имаш 
мрак потемен од мојот, 
ноќ подолга од мојата. 
Остави ме на изгрејсонце, 
без будење, без тресок, 
без проштално писмо. 
Што можеш да му напишеш на хартија, 
на тој што умее да чита навнатре, 
длабоко од очите?

Сподели: