Како може Скопје да се приближи до Виена и успешно да рециклира ѓубре? – Соња Стојадиновиќ

Сподели

Виена, како некогашен царски град, сега главен град на Австрија, стана пример како се собира, рециклира, искористува па дури и профитира од ѓубрето кое се создава од граѓаните. Ако сакаме во ЕУ, мора да си го исчистиме ѓубрето, без разлика колку тоа ќе не боли.

„Аааа, Виена, од Балканци неизмиена“. Смешниот и дрзок коментар на Тина таксистката во видеото од кампањата „Реагирај, не игнорирај“ поставува многу прашања кои се заеднички за Виена и Скопје. Видеото од кампањата прави ненаметлива споредба на Виена со Скопје, како што сакаме да биде, а не ни е далеку да видиме како функционира и во што живееме. Светол и милионски град со уреден транспортен систем, наспроти два ипол булевари, 850 илјади жители, стотици илјади коли и сите задушени во ѓубре, нечисти улици, додека над нашите глави ветерот ги вее пластичните кеси од некој маркет.

Како Виена стана најпосакуван град за живот во Европа?

Виена како некогашен царски град, сега главен град на Австрија, стана пример како се собира, рециклира, искористува па дури и како се профитира на ѓубрето кое се создава од граѓаните. Можеме до утре да се правдаме со фактот дека градот Виена почнал да го гори ѓубрето во 1960-тите, а да го рециклира во 1980-тите години, а нам малку подоцна ни текна на тоа, па ни треба време да фатиме ритам и да имаме чисти улици и околина.

Со горење на ѓубрето, виенските власти обезбедуваат затоплување и енергија за топла вода за 350 илјади живеалишта во градот што е една третина од Виена. Иако потребите варираат во зависност од сезоната, во најладните периоди од годината, 120 илјади виенски домови се топлат исклучиво на енергија од горење на ѓубрето. Секако дека горењето на ѓубрето загадува, но тука настапува грижата за околината со поставување филтри на печките за горење. Нешто што сега засега го нема на печките на Дрисла. Дополнително на ова, општината Виена им продава и ѓубре на своите граѓани. Со отворање на една продавница во која продаваат предмети кои останале повеќе од една година во отсекот на „изгубено-најдено“ и се во добра состојба, вработените во комуналното претпријатие се обидуваат да стапат во контакт со граѓаните и повеќе да дознаат за нивните потреби.

Селектирањето на ѓубрето е примарно во секое домаќинство и основен принцип за успешно функционирање на виенскиот систем на контрола на ѓубрето. Сопствениците на станови плаќаат ѓубрарина во висина на четвртина од волуменот на контејнерите кои се инсталирани во објектот и фреквентноста на празнењето на тие контејнери. Логиката е, колку повеќе се селектира ѓубрето, толку помали контејнери се инсталираат и помалку се наплаќа. Ниеден тип на ѓубре не е заборавен, додека фирмите за производство на батерии ги собираат старите батерии по принципот на одговорни компании, био ѓубривото се користи за создавање компост за ѓубрење на почвата. Бизнис од ѓубре во едно.

Извор: reagiraj.mk

А како овој начин на рециклирање и заштита на околината се всадува кај граѓаните? Секако не само со казни за несовесно фрлање ѓубре туку и преку едукација на децата уште од градинка. Значи, нема фрлање кесички од чипс, бонбони и било каков друг отпад на улица или каде ќе им текне на децата. Само во означена корпа за ѓубре. Совесните граѓанчиња на Виена се подготвени да посрамотат несовесен, возрасен граѓанин на Македонија.

А како е кај нас или до каде стигнавме со само давење во ѓубре?

Европската унија почна се повеќе да воведува забрана за користење пластични кеси во маркетите, се забранија стапчињата за уши, пластичните чинии и приборот за јадење. Полека таа толку посакувана Европа се префрла на биолошки разградливи материјали. Лесни за употреба, уште полесни за фрлање, без загадување.

Додека нашите градоначалници купуваат скапи коли наместо парите на своите гласачи да ги вложат во воспоставување систем за рециклирање отпад и искористување на ѓубрето, ќе се давиме во кесите плеснати во лице при секој поголем ветер и смрдеата од скиснатото ѓубре во контејнерите. Депонијата покрај патот Велес-Штип се запали лани, а после тој пожар веднаш мистериозно престанаа да функционираат мерните станици за загадување. Бизнисот со увоз и горење отпад кој е заштитен со еден единствен правилник од Законот за заштита на животната средина кој дозволува горење отпад речиси без контрола не однесе на листите на канцерогени земји.

Во „монструозниот“ социјализам системот на регулирање на отпадот функционирал далеку подобро отколку сега. Пластика речиси и да немало, био разградливото ѓубре се закопувало во дворот за да се наѓубри земјата, додека старата облека се собирала во вреќи и била носена во посебни погони за влачење, извлекување конци, од кои потоа биле правени торби, вреќи и душеци. Рециклирано било стаклото, додека од старата хартија се правела тоалетна хартија, книжни кеси. За овој систем била задолжена фабриката Југосуровина која имала центри за рециклажа во секој град.

Ако нашето министерство за животна средина има намера да го држи чекорот со ЕУ, нема потреба веднаш да се фрли на усогласување на македонското законодавство со последната одлука за забрана на употреба на пластика. Доволно е прво да почне драстично да казнува незаконско фрлање градежен шут каде ќе им падне на памет на фирмите, да се воведе постепено намалување, а наскоро и забрана за користење пластични кеси од маркетите иако на некои од нив пишува дека се биоразградливи. Веќе е видлива свеста на некои граѓани на касата на маркетот наместо класичната фраза: ве молам две, три кеси, тие одговараат: не, благодарам, не сакам кеса и носат своја платнена торба или корпа за продуктите. Фактот дека прашањето за решавање на загадувањето им се поставува на кандидатите за претседател јасно отсликува дека овој проблем е на ниво на држава. Актерката Ирена Ристиќ може да организира илјадници акции за чистење јавни површини со неформалното движење „Не биди ѓубре“, но која е користа од тоа? Кога ќе и речат: браво Ирена, ти си институција, тоа за неа не е комплимент туку навреда, реалност дека институциите не функционираат, а еден поединец тоа константно им го кажува отворено додека тие арогантно си молчат.

Јавното посрамотување на градоначалниците кои општинските пари ќе ги искористат за луксуз наместо за решавање на проблемите со загадување од секој вид може да донесе резултат. Сепак, градоначалниците не се избрани од граѓаните поради љубов туку за да ги штитат нивните интереси и потреби. А што е поголем интерес од чиста околина? Ако сакаме во ЕУ, мора да си го исчистиме ѓубрето, без разлика колку тоа ќе не боли. Нечист никаде не те примаат.

Соња Стојадиновиќ, respublica.edu.mk