Во еден древен индиски град постоела продавница на желби. Таму можело сè да се купи: од љубов, здравје, богатство, убавина, среќа, па сè до кариера и власт. Секоја “стока” си имала своја цена, а тоа било – откажување од нешто.
На пример, за да купите искрена љубов требало да се откажете од богатството. За да купите богатство, требало да се откажете од чесноста. За да купите чесност требало да се откажете од луксузот. Најскапo било купување успешно владеење. Тогаш требало истовремено да се откажете од пријателство, другарство и атерџиство. А над продавницата стоела рекламата: „Ако купената стока не е квалитетна – тогаш веројатно не сте ја платиле вистинската цена!“
Ние сме покажале импозантни резултати на надворешен план, но тие ни ја одзедоа сета енергијата за внатрешен план. Надворешните немирни води ни ја истрошија кондицијата за пловидба по внатрешните, делумно, мирните води. Лудвиг Борне вели: „Владата се едрата, народот е ветерот, бродот е државата, а морето е времето. За да пловите брзо и без хаварија, сите компоненти треба да ви бидат функционални“. А нам, со бројни просечни умови кои имаат натпросечни апетити, ќе ни треба голема среќа за да тргнеме од пристаништето! Но, сепак има надеж!
Банана држави – економски бум!
Чиле, долги години било управувано од разновидни криминални групи, па и затоа била најсиромашна држава во Јужна Америка. По воениот удар предводен од генерал Аугусто Пиноче (кого некои го сметале за фашист), започна сосема нова економска ера. Неговата влада го анагжирала познатиот американски економист Милтон Фриедман со својата екипа, за да изнајде пат кон излез од хаосот. Тој воведе голема законска либерализација во претприемништвото и пазарот. Само во мал број дејности допуштил некаков државен интервенционизам. Ги поедноставил сите иницијативи и процедури за секаков бизнис. Воведе голема либерализација во користењето на државното земјиште и другите државни ресурси, и економијата тргна напред со големи чекори. Чиле брзо стана земја со највисок номинален доход по глава на жител во Латинска Америка, и во мај 2010 година, стана првата јужноамериканска земја членка на ОЕЦД. Сега Чиле, не само што е најразвиена држава на тој континент, туку таа припаѓа и на групата „Г-20“, кај што членуваат 20 најразвиени држави на светот, кои заедно чинат 90% од светското БДП-а, и 80% од светската трговија.
Африканската држава Гана, од своето формирање е позната по екстремна сиромаштија, корупција, глад и бројни државни удари. Невработеноста била над 68 отсто. Промените започнале во 1992 година, кога со помош на Западот било донесено технократско лидерство, која со голема либерализација ја доведе државата до развојно чудо. Сега таа држава е стасана до светско лидерсто со економски раст од над 9 проценти годишно, а невработеноста е сведена на симболични 6 проценти. Живеачката е подобрена за цели 14 пати во споредба со 1992 година. Нејзиниот рамномерен развој во сите 216 општини е пример, не само за Африка туку и за целиот свет. Гана веќе со проектот познат како „Ghana Vision 2020“, планира да стане најразвиена држава во Африка до 2029 година.
Боцвана е јужноафиканска држава со територија над 70 отсто пустина (Калахари). Пред 35 години била најнеразвиена земја на планетава, со само 69 долари БДП по глава на жител. Со одлична професионална екипа и со брза либерализација, стаса до фантастични 14.400 долари БДП по глава на жител.
Во фаза на економски бум се и повеќе други африкански даржави – Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, па дури и една Етиопија која е позната по тоа што долги години била светски бренд за умирање од глад, сега има раст од девет проценти, и е рангирана меѓуте 13 држави со најбрз развој на светот. Така што сега „Црна Африка“ која традиционално симболизирала пучеви, граѓански војни, криминални влади, сирмомаштии, болести, глад и жед, веќе не е толку црна. Таа полека станува светска гордост. Денес таму се силни светски брендови – ,,Russell Company,, во склоп на ,,London Stock Exchange Group“, познатиот светски синџир ,,Walmart-Massmart“, како и гигантите „IBM“, „Bharti Airtel“, а и многу други светски економски лидери кои се модерна локомотива за една друга Африка. Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле држави од тој континент. Тие се на пат по брзина на развојот да ги надминат и „Азиските тигрови“ (Кина, Индија, Јужна Кореа, Малезија и Вијетнам).
Дури и во нашето непосредно соседство се случува напредок. Просечната плата во Србија сега е околу 530 евра. Да се потсетиме дека во 2000-та година, кога кај нас просечната плата беше околу 220 (ДМ )марки, во Србија беше само 47 марки.
Израел – стакленик на Европа
Израел територијално е помала од нашата држава. Има околу 21.000 км2, а над девет милиона жители кои живеат четири пати со повисок стандард од нашиот. Иако државата веќе 70 години е во континуирана војна со соседите, таа со години забалежува економски бум. Таа докажа дека кога се сака и пустината се претворува во плодно земјиште. Во таа држава само 30% од територијата е обработливо земјиште. Тие можат само да го сонуваат нашето земјиште. Ама тие таа пустина секој ден ја претвораат во прекрасни модерни плантажи. Вода има многу слабо, па затоа мора да ја десалинизираат морската вода која ја носат на огромни рибни базени, па потоа за наводнување по плантажи, најмногу по системот „капка по капка“. Производството е тесно поврзано со науката и технолошките софистицирани методи за енормно зголемување на приносот и квалитетот. Израел, зимно време ја снабдува целата Европа со продукти, и заслужено го носи епитетот – „Стакленик на Европа“. Саул Сингер, авторот на книгата “The Story of Israel’s Economic Miracle“ (Приказната за економското чудо на Израел), вели – само врвен колективен ум и знаење, може да го постигне тоа.
А каде сме ние ?!
Ние, за жал, и по толку години независност, се уште сме многу далеку од некаков сериозен старт за одржлив развој. Дури се уште не ни се вградени ни основните механизми за тоа нешто – инвестирање во науката, департизирани институции, мериторен систем, општа либерализација итн. Ние се уште се соочуваме со одделни пазарни монополи и енормна корупција кои ја задушуваат постојната, ионака слаба пазарна економија. Бројни партиски лаици водат клучни институции, а во нормалниот свет не би биле ниту портири на тие институции. Ваквата нивна лична среќа завршува кај нашата колективна несреќа. А ние продолжуваме напразно да се тешиме со мудрости од типот – „подобро човек без пари, отколку пари без човек“. А се повеќе остануваме без двете! Оправдувањата можат да бидат на илјадници ама решението е само едно. Со ефикасен мерит систем, не само што ќе ни тргне напред, туку видно ќе ги амортизираме меѓупартиските непријателства. Ни треба инијацитивност, инструкции и едукации како можеме да ги користиме европските фондови во земјоделството и руралниот развој итн. И мора да има отчетност и одговорност, не само за можни злоупотреби туку и за отсуство на добри резултати. Уморни сме од мали резултати спакувани во големи амбалажи.
Не е здраво да ги воздигнуваме преговорите со ЕУ на ниво на гладијаторска борба за живот и смрт. Во право е Рама, кога вели дека: „Тоа е како чекајќи го Годо“. И да почнат, исходот е многу далечен. Тоа се гледа по Црна Гора која преговара десетина години, па сеуште е на половина пат. Во момент, паралено треба да работиме и во проектот „Отворен Балкан“, со што многу побрзо ќе ги прошириме и зајакнеме заедничките пазари. Тоа ќе доведе до пораст на ДСИ во регионот и запирање на болното масовно исселување.
Да не ни се случи да се вратиме во времето кога беше среќа да си споменик, а несреќа да си човек. Треба да сфатиме дека често границата меѓу возвишеното и опасното го дели само едно влакно. И да престанеме со меѓупартиски кавги и фрлања дрвја и камења, и да настојуваме од тие орудија да изградиме нормалност. Оттука, со право, многу центри и внатре и надвор силно веруваат дека идниот премиер Ковачевски, со неговата уникатна визија, тоа ќе го може.