Европскиот фонд за Балканот ја почна кампањата „Дрво на пријателството“, која предвидува засадување 400 дрвја во сите престолнини на земјите во регионот.
Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ) во соработка со локалните коорганизатори Treebanks, Скопје Смог Аларм и AirCare – Мој Воздух, на 30 октомври ќе организира акција за засадување 60 дрвја во Општина Аеродром.
Идејата за акцијата е да се компензира штетата од емисии на CO2 што се настанати при официјални службени патувања на ЕФБ во 2019 година. Дрвата ќе се засадат истовремено во Скопје, Белград, Приштина, Тирана, Подгорица и Сараево, во соработка со многубројни локални партнери кои ќе обезбедат волонтерска и логистичка поддршка.
На „домашен терен“ во Скопје, ко-организатори на настанот се македонската компанија Treebanks, заедницата на еко-активисти Скопје Смог Аларм и платформата AirCare (Мој Воздух), кои ќе засадат 60 дрва од врстата платан во Општина Аеродром, во паркот на Булевар Србија наспроти Полициска станица Аеродром.
Организаторите се одлучија за оваа акција со цел да се подигне свеста за горливиот проблем со аерозагадувањето кој го делат земјите во регионот. Минатата година, Скопје и многу градови во регионот редовно беа на врвот на листите на најзагадени градови во светот. За таа цел садењето дрва е еден од наједноставните и најважните чекори во борбата за чист воздух.
„Сметаме дека се потребни конкретни акции и иницијативи на локално и регионално ниво за зелено заздравување после пандемијата со корона вирусот. Потребно е трансформација на градовите преку инвестиции во подобра инфраструктура за пешаци и велосипедисти, инвестиции во обновливи извори на енергија, урбано планирање фокусирано на заштита на животната средина“, изјавуваат од Скопје Смог Аларм.
Од огромно значење е фактот што акцијата „Дрво на пријателството“ е заедничка регионална акција која ги поврзува следниве организации кои се занимаваат со еко-активизам: „Za čisto i lijepo Sarajevo“ (За чисто и убаво Сараево) од Сараево, “Environmental Territorial Management Institute“ (Институт за управување со животна средина и простор) од Тирана, „Sbunker“ од Приштина, „OZON“ од Подгорица, „Право на град“ (Право на град), „Шума пева“ (Шумата пее) и „Улице за бициклисте“ (Улици за велосипедисти) од Белград.