Касами: Институционалната криза обид за создавање на интеретничка криза

Сподели

Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами на прес-конференција по средбата со еврокомесарот Хан истакна дека денешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан е неопходна за Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

По завршувањето на средбата, Касами истакна дека еврокомесарот Хан дава огромна поддршка за излез од кризата, потенцирајќи дека во тој правец се движи и партијата БЕСА која, како што рече, и досега државните интереси ги ставала пред партиските интереси.

„Членовите на делегацијата ја даваат својата поддршка за излез од кризата. Во овој правец работи и БЕСА, не гледајќи на личниот интерес затоа што сè уште има сили во Македонија кои сакаат да нè втурнат во интеретничка криза, што е многу лошо за земјата. Хан на средбата порача дека политичките лидери имаат огромна одговорност за враќање на земјата кон евроатлантскиот пат“, истакна Касами.

Според него, еврокомесарот и тројцата европратеници дале поддршка за што поскоро да се состане Собранието, да се избере претседател, а Иванов да го додели мандатот на мнозинството од 67 пратеници за да се започне со реформите што поскоро.

„Уште еднаш повторувам дека нема платформа од Тирана, но има изјавата на албанските политички партии, за барања кои се присутни веќе 25 години во демократскиот систем, кои треба да се реализираат согласно Уставот и законите во Македонија”, рече Касами.

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денеска допатува во официјална посета во Скопје заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, каде што се состануваат со лидерите на политичките партии кои имаат обезбедено пратенички места во Собранието на Македонија, со цел да направат уште еден обид за излез од политичката криза.