Говор на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска по повод 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија.
Дозволете ми да ви посакам добредојде на прославата на 60 тиот јубилеј од постоењето на Уставниот суд.
Со длабока почит ви се обраќам на сите вас ценети претседатели и судии на уставните судови од европскиот регион, институционални, меѓународни претставници, соработници од невладиниот сектор, поранешни претседатели и судии на Уставниот суд, наши уважени новинари и медиуми.
Изразувам особена благодарност до почитуваниот Амбасадор на ОБСЕ, Килијан Вал, кој ги препозна улогата и значењето на Уставниот суд и стана наш партнер во организирање на оваа конференција.
Да се вратиме во времето и да го одбележиме моментумот… Со задоволство ќе апострофирам дека „Оној кој се користи со своето право, на никого не му нанесува штета“, а токму преку оваа милениумска изрека се осликува и нашата државност.
60 години постоење на Уставен суд е самопотврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава.
Согледувајќи ја уставно-правната матрица на нашата заедница низ историска призма, не може а да не се констатира дека волјата за владеењето на правото е посилна од сите системско-политички аномалии.
Пред точно 60 години императивот на граѓаните на тогашната Социјалистичка Република Македонија бил не помалку различен од денешните парадигми. Да се устоличи републиката, тогаш социјалистичка. Се понатаму интерферирало на моделирање на државните институции и стопанството.
Република Северна Македонија минувајќи низ неколку уставни трансформации бележи континуиран развој и самиот факт што овој јубилеј е речиси двојно подолг од нашата самостојност како држава, упатува дека „чуварите на Уставот” низ сите премрежиња и контексти покажале детерминираност и наклон кон правните принципи и вредности.
На Уставен суд со неприкосновена важност каков што е нашиот денес, заштитен од туѓи посегања, му претходеше долг еволутивен пат во смисла на созревање на уставно-политичката архитектура.
Овој јубилеј ни дава ретроспективна можност да потсетиме дека државно-правниот развиток на Македонија во рамки на СФР Југославија, но и по осамостојувањето на државата во 1991 година брои четири устави.
Во два од нив се вградени контурите на државното уредување, со Уставот од 1946 Македонија станува Народна Република Македонија во рамки на Федеративна Народна Република Југославија, а со Уставот од 1991 се конституира како суверена и самостојна држава, Република Македонија.
Со Уставот од 1963 година за прв пат се востанови уставното судство и првата седница на Уставниот суд е одржана на 15 февруари 1964 година. Уставите отсекогаш биле замислени како рамка за управување со една земја, формирањето на уставни судови се сметаше за катализатор на општествените трансформации, засновани на идејата за контрола на политичката моќ. До денес нашиот Устав претрпе бројни интервенции, или вкупно 36 амандмани, но неговиот текст и понатаму останува правна светост пред која сопира секоја индвидуална и колективна неправда.
Постојат голем број важни одлуки со кои овој орган ќе ја докаже клучната улога што ја одигра во зајакнувањето на начелото на владеење на правото и во развојот на демократијата. Соочувањето со сложени и многу деликатни теми во однос на нивната содржина, и честопати од витално значење за организацијата на институционалниот и политичкиот живот во земјата е богато искуство за Судот и за сите негови судии. Во тие случаи и одлуки, кои по својата природа варираат од испитување на прашања за уставност и законитост, прашања за судир на надлежности меѓу властите и локалната самоуправа, до прашањата за слободите и правата, е испишана историјата на самиот Уставен суд.
Децениската улога на Уставниот суд да ја отелотвори и созрее младата државност и да ги конципира идните правни, општествени и организациони столбови, денес, предничи со уште посложена функција: да го осигура местото, улогата и добробитот на секој граѓанин во правниот систем.
Ако во изминатите децении тоа беа државотворни инклинации, вчера, денес и утре Уставниот суд е последниот гарант на основите човекови права. Нашата должност како домаќини е да ве потсетиме на величината на оваа институција, но и заеднички да дискутираме како треба да се видоизменува и унапредува во своите надлежности. Овој значаен настан ни дава можност да се погледне наназад, но и обврска да се предочи на идните предизвци…. А би рекла дека веќе се очигледни.
Улогата на Уставниот суд е неоправдано занемарена во одредени аспекти на индивидуалната заштита, децении наназад. Не очекувам одрекување, ниту, пак, прифаќање на оваа констатација. Само малку трпение да објаснам…
Нужна е потребата од проширување на надлежностите на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита. Во уставно-правната теорија таа можност е дефинирана како уставна тужба или уставна жалба, а во пракса тоа би значело заштита на секое право од Уставот за секој поединец пред Уставниот суд, во својата матична земја. Во изминатите три декади граѓаните се ограничени да побараат уставна заштита како поединци за секое право, освен за оние кои произлезгуваат од членот 110 алинеја 3, а се поврзани со нивната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување, дискриминација по основ на пол, раса, вера, национална, социјална и политичка припадност.
Нашите заложби во изминатиот период беа во насока на настоичива имплементација на уставната жалба како личен инструмент кој го отвора патот за промена на суштествените атрибути на Уставниот суд.
Водена од поривот на мојот морален и професионален интегритет, не можам, а да не ја искористам оваа можност да се обратам кон една категорија на наши гости денеска. Вие сте пред мене почитувани државници и политичари, современци на промените и поединци со влијание на политичките процеси. Вие сте оние кои можете да ставите вето, да донесете погрешна одлука и да се соочите со уставните консеквенци. Но, од друга страна вие можете да влијаете на процесите за дополнително зајакнување на оваа институција.Ние како судии сме должни преку нашите одлуки да го материјализираме заветот на праведноста и правичноста.
Граѓаните ги охрабрувам да бараат заштита од Уставниот суд пред да се изложат на финансиски последици надвор од државата, и да бидат истрајни во бранењето на своето, бидејќи како што одамна кажале „правото е напишано за будните, кој не води грижа за своите права, може да ги изгуби”.
На самиот крај,
Додека го славиме овој значаен јубилеј да размислиме и да се запрашаме, секој од нас, како придонесовме да владее правото, колку темелните вредности на Уставот опстојале надвор од редовите со алинеји ?
Ако одговорот е афирмативен, продолжите смело и понатаму, затоа што прашањето на правдата е прашање на вредности и принципи.
Иднината на генерациите кои доаѓаат се градела на здрави темели, со гаранции дека од надворешниот непријател можеш да се одбраниш, но од неправдата дома, потребен е пркос и aрмија возљубеници во правото.
И да завршам во духот на позитивното право. Како што и самиот Роналд Дворкин, ценетиот современик на правната мисла ќе констатира… ,,праведноста и моралноста не можат да се одвојат од правото”, оттука и пораката за сите оние кои доаѓаат по нас. Секој судија е судот, и секое неприфаќање на таа мисија е разнишување на светилникот на нашиот правен поредок…
… Да векува Уставниот суд, ви благодарам!