Професор-доктор Сашко Кедев денеска на прес-конференција ја претстави првата имплантација во светот на системот Neuroguard IEP во превенција/третман на мозочен удар. Системот Neuroguard IEP е дизајниран за клинички третман на стеноза на каротидната артерија. Доктор Кедев, од Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, зборуваше за третманот на првиот пациент подложен на оваа медицинска процедура.
„Задоволни сме што го иницираме ова испитување за проценка на Neuroguard IEP системот, прв од ваков вид за стентирање“, забележа професорот Кедев.
Системот Neuroguard IEP се состои од стент од најновата генерација, пред-позициониран балон за пост-дилатација и интегриран микроемболичен филтер. Стентот има затворен дизајн кој овозможува оптимална рамнотежа и флексибилност. Стентот е проширен на двата краја со цел совршено да се вклопи во анатомијата, а интегрираниот филтер е дизајниран за собирање на макро и микроемболи за време на целата интервенција.