Влошениот политички амбиент е една од причините зошто Владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи и да ги имплементираат фондовите на ЕУ – одговори портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич за „Мета“ на прашањето „Зошто Европската комисија скрати 27 милиони евра од ИПА-фондовите.“
Таа потврди дека кратењето на финансиската помош за Македонија ќе изнесува и повеќе од 27 милиони евра.
– Последните неколку години, а посебно минатата година, Европската комисија во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност, зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи. Како резултат на тоа, Комисијата мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со уште еден проект – додаде Коцијанчич.
Портпаролката на Европската комисија исто така смета дека државата треба да се фокусира на мерки кои ќе обезбедат одржливост на големи инвестиции во инфраструктурата.
– Има многу недостатоци во транспортниот сектор, кои спречија правилно планирање и координација во тој сектор – вели Коцијанчич.